Локалното координативно тело за примена на Законот за бесплатна правна помош во Куманово, на својот втор состанок дискутираше за клучните активности кои би помогнале во решавање на главните предизвици со кои се соочуваат граѓаните при нивните напори да остварат право на бесплатна правна помош. Со поддршка од заедничката програма на Европската Унија и на Совет на Европа, преку проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија”, во соработка со подрачното одделение на Министерството за правда во Куманово, Локалното координативно тело претставува можност за споделување информации, комуникација и координација меѓу засегнатите страни во врска со спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош во локалната заедница.
На состанокот кој се одржа во просториите на Советот на општината Куманово присуствуваа околу 30 учесници – претставници од подрачното одделение на Министерството за правда во Куманово, локални адвокати, претставници од граѓански здруженија, како и претставници од Центарот за социјални работи.
На состанокот, консултант на Совет на Европа ги презентираше последните измени на Законот за бесплатна правна помош и неговата усогласеност со Законот за вештачење. Беа презентирани и некои од заклучоците од последниот состанок на Националното координативно тело за БПП.
Локалните адвокати ги потенцираа проблемите со кои се соочуваат кога работат на случаи со БПП, како и потребата од подобра координација со Основниот суд во Куманово. На состанокот беше договорено да се одржи состанок со судиите од Основниот суд во Куманово.
Се дискутираше и за дополнителни теми, меѓу кои, за пристапот до информации потребни за обработување на барањата за бесплатна правна помош, упатувањето на барателите на бесплатна правна помош, промовирање на законот, како и за конкретни правни потреби кои ја засегаат локалната заедница.
Европската унија и Советот на Европа го поддржаа основањето, како и функционирањето на локалните координативни тела во Битола, Штип и Куманово. Овие тела ја зајакнуваат комуникацијата и координацијата меѓу засегнатите страни во однос на спроведувањето на Законот за бесплатна правна помош на локално ниво. Основањето на локални координативни тела во други општини во Северна Македонија и натаму ќе се охрабрува и поддржува. Ваквите напори ќе ги зајакнат капацитетите на овие тела за да станат комплетно самоодржливи во иднина, по завршувањето на заедничкиот проект на ЕУ/Совет на Европа.
Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија” е дел од „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, заедничката програма на Европска унија и Совет на Европа, што ја спроведува Советот на Европа.
