Обезбедувањето на слободен пристап до информации од јавен карактер е од фундаментално значење за поддршка на слободата на изразување и поттикнување на демократското владеење. Во Северна Македонија, овој принцип добива повторно внимание по ратификацијата на Тромсо конвенцијата од страна на земјата во 2024 година.
За да се зајакнат овие напори, денес во Скопје се одржа тркалезна маса со наслов „Пристап до информации од јавен карактер: Анализа на судската пракса на Управниот суд (2019-2023) и влијанието на Тромсо конвенцијата врз транспарентноста на институциите“. Настанот имаше за цел да ја зајакне транспарентноста и отчетноста во земјата.
Во дискусиите беа истакнати клучните наоди од Анализата на судската пракса на Управниот суд во врска со Законот за пристап до информации од јавен карактер (2019-2023), давајќи увид во судските трендови, предизвици и препораки за подобрување во спроведувањето. Учесниците/чките ги разгледаа правните и институционалните димензии на пристапот до информации и разговараа за стратегиите за подобрување на усогласеноста со меѓународните стандарди.
На настанот учествуваа суди(јк)ите од Управниот суд и Вишиот управен суд, адвокат(к)и, претставници/чки од граѓански организации, како и членови на работната група за измените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, и разговараа за практичните начини за подобрување на пристапот и надминување на бариерите. Две клучни панел-дискусии ги разгледуваа најдобрите практики во спроведувањето на Тромсо конвенцијата и улогата на националните институции во обезбедувањето слободен пристап до информации од јавен карактер.
Меѓународенната консултантка на Советот на Европа сподели практики од Босна и Херцеговина, земја која ја ратификуваше Тромсо конвенцијата во 2020 година, нудејќи вредни искуства за усогласување на националното законодавство со меѓународните стандарди. Консултант(к)ите, исто така, споделија согледувања за законските рамки, мерките за транспарентност и практичните предизвици во постапувањето со барањата за информации од јавен карактер, како и судската пракса претставена во Анализата.
Отворената сесија за дијалог им овозможи на суди(јк)ите, адвокат(к)ите и новинар(к)ите да разменат мислења за подобрување на институционалната координација и справување со постоечките пречки.
Тркалезната маса заврши со сумирање на клучните заклучоци и предложени чекори за подобро спроведување на законите за слободен пристап до информации. Учесниците/чките ја истакнаа потребата од зајакната соработка помеѓу институциите, правните практичар(к)и и медиумите за да се поддржи транспарентноста и одговорноста. Настанот ја потврди важноста на слободниот пристап до информации од јавен карактер како темел на демократското владеење во Северна Македонија.
Проектот Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија – ПРОФРЕКС имплементиран од Одделот за соработка на слобода на изразување, е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2023-2026“.
