Back Европски ден за борба против трговија со луѓе одбележан во земјите на Западен Балкан

Council of Europe

Council of Europe

Спречувањето и борбата против трговијата со луѓе е еден од приоритетите на соработката на Европската унија и Советот на Европа во Западен Балкан и Турција. Целосното почитување на правата на жртвите на трговија со луѓе е уште поважно во овој период на ограничувања заради пандемијата со COVID-19 и Европскиот ден за борба против трговија со луѓе е уште еден потсетник дека оваа борба треба да остане силна и основана на Европските стандарди во оваа област.

Европскиот ден за борба против трговија со луѓе претставува идеален повод да ги потсетиме лидерите на државите-потписнички на Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа за законската и морална обврска да не заостануваат во обезбедувањето на правата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе“, рече Давор Деренчиновиќ, претседател на Групата експерти на Советот на Европа за акција против трговија со луѓе (ГРЕТА), по повод Европскиот ден за борба против трговија со луѓе. „Сите ние кои сме вклучени во борбата против трговијата со луѓе мора да ги одржиме и да ги зголемиме нашите напори за да се осигуриме дека жртвите добиваат соодветна помош и поддршка за да ги остварат своите права и сторителите да бидат казнети за ова грозоморно злосторство“, заклучи тој.

На Западен Балкан, три акции на Хоризонталниот инструмент го одбележаа Европскиот ден за борба против трговија со луѓе. Во соработка со Академијата за судии на Србија, акцијата "Спречување и борба против трговијата со луѓе во Србија" го започна новиот HELP курс (образование за човекови права за правни професионалци) за трговија со луѓе за 31 правни професионалци - судии ( кривични, граѓански и прекршочни) и обвинители. „Спречувањето на трговијата со луѓе треба да остане континуиран приоритет за сите нас како професионалци. Програмите, како што е HELP, треба широко да се користат за подобрување на нашето знаење, искуство и капацитети“, заклучија Ненад Вујиќ, директор на Академијата за судии и Митар Ѓурашковиќ, Национален координатор за борба против трговија со луѓе.

Во Босна и Херцеговина, како и секоја година, Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина беше домаќин на настан по повод Европскиот ден за борба против трговија со луѓе. Овој настан ја потврди важноста на соработката во областа на борбата против трговијата со луѓе и ги собра сите важни чинители во оваа област - претставници на Министерството, на Европската унија и Советот на Европа, Фондацијата Лара/РИНГ мрежата, Меѓународната организација за миграција и Меѓународниот форум за солидарност-ЕМАУС.

Овој настан беше искористен за да се испрати посилна порака дека трговијата со луѓе е кршење на основните човекови права и дека само преку заедничка акција на сите релевантни чинители во процесот - институции, национални и меѓународни невладини организации и тела, можеме ефикасно да се спротивставиме на оваа појава. "Заедничкиот проект на Европската унија / Советот на Европа за „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Босна и Херцеговина“ тесно соработува со надлежните органи и организации на граѓанското општество за подобрување на националниот одговор на оваа модерна форма на ропство, особено во однос на процесите на идентификација и помош на жртвите на трговија со луѓе“, рече Бојана Урумова, раководител на канцеларијата на Советот на Европа во Сараево по овој повод.

Онлајн размена со новинарите, претставници на медиумите и на граѓанското општество се одржа во Скопје, Северна Македонија, на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе. Настанот беше организиран од страна на заедничкиот проект на Европската унија / Советот на Европа за "Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија", во соработка со Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и учество на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика.

Северна Македонија е посветена на спречување и борба против трговијата со луѓе. Наскоро ќе донесеме нова стратегија и акционен план. Извештаите од мониторингот на група експерти на Советот на Европа за борба против трговија со луѓе и овие стратешки документи се основа за нашата решителна борба против трговијата со луѓе. Трговијата со деца е меѓу нашите приоритети, бидејќи има зголемување на бројот на откриени деца-жртви“, изјави Магдалена Несторовска, Национален координатор за борба против трговија со луѓе и државен секретар во Министерството за внатрешни работи.

Силното партнерство на Европската унија и Советот на Европа и повеќе чинители, вклучувајќи ги и државните институциите и граѓанските организации, останува камен-темелник за борбата против трговијата со луѓе во регионот, со цел подобра заштита на жртвите на трговија со луѓе, во согласност со европските стандарди.

Скопје 19 октомври 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page