Back Врховните судии разговараа за ефективен пристап до правна помош во кривичните постапки

Врховните судии разговараа за ефективен пристап до правна помош во кривичните постапки

Конкретни интервенции и чекори за обезбедување пристап до бесплатна правна помош во кривичните постапки за оние на кои им е потребна, беа споделени со судиите и советниците на Врховниот суд во Скопје. Дискусијата се фокусираше на европските стандарди и компаративните практики со посебен фокус на спроведувањето на членот 75 од Законот за кривична постапка.

Состанокот, поддржан од ЕУ и Советот на Европа, што се одржа во Врховниот суд на Република Северна Македонија, го отворија Африм Фидани, претседател на Врховниот суд и Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје – Олег Солдатов, ја нагласи важноста од практично и ефикасно остварување на правото на правна помош и ја истакна улогата на Врховниот суд во промовирањето на доследна и јасна примена на членот 75.

На состанокот учествуваа 20 судии и советници на Врховниот суд кои разговараа за практичните предизвици и можните решенија, придонесувајќи кон континуираната соработка меѓу Врховниот суд и Советот на Европа во зајакнувањето на пристапот до правдата и гаранциите за фер судење.

Дискусијата се фокусираше на наодите од нацрт-анализата „Одбрана за сиромашни лица во европската компаративна пракса“, подготвена од Советот на Европа, која ги испитува меѓународните стандарди и европските пристапи за обезбедување бесплатна правна помош таму каде што не се применува задолжителна одбрана.

Анализата ја истакнува важноста на обезбедувањето дека правото на бесплатна правна помош, кое е загарантирано со членот 6 од Европската конвенција за човекови права, е ефикасно во пракса. Ги испитува клучните прашања поврзани со проценката на финансиската состојба на обвинетиот и критериумот „интереси на правдата“, постапката за назначување на бранител, обемот на правната помош и фазите од кривичната постапка во кои таа треба да биде достапна.

И покрај постојната законска рамка, анализата укажува на ограничена примена на членот 75 во пракса и идентификува голем број предизвици што можат да влијаат на неговата ефикасна имплементација. Анализата исто така содржи приказ на компаративни практики што би можеле да помогнат во понатамошното разгледување на прашањето во национален контекст.

Анализата ќе послужи како основа за понатамошна дискусија при подготовката и усвојувањето на Упатството за спроведување на членот 75 од страна на претседателот на Врховниот суд.

Овој настан беше организиран со поддршка на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Истиот обезбеди платформа за размена на практични искуства, идентификување на заеднички предизвици и дискутирање за прашања на кои им е потребно понатамошно внимание и адресирање.

Скопје, Северна Македонија 5 октомври 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Што е Хоризонтален инструмент?

Заедничката програма на Европската унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ (Хоризонтален инструмент III) е иницијатива за соработка и еден од резултатите од Изјавата за намери потпишана на 1 април 2014 година од страна на генералниот секретар на Советот на Европа и комесарот за проширување и европска соседска политика на Европската унија, во кои двете организации се согласија дополнително да ја зајакнат нивната соработка во клучните области од заеднички интерес. Програмата е во тек од 2016 година, а третата фаза започна во јануари 2023 година во период од 48 месеци. Третата фаза од програмата (вредна 41 милион евра (85% финансирана од ЕУ, 15% од СЕ) продолжува да се надоврзува на резултатите од претходните фази и ги комбинира активностите специфични за корисникот и регионалните активности. Тоа им овозможува на корисниците да ги исполнат своите реформски агенди во областа на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, што е исто така приоритет за процесот на проширување на ЕУ.

Темите опфатени со Хоризонталниот инструмент вклучуваат:

• зајакнување на правдата

• борба против корупцијата, економскиот криминал и перењето пари

• промовирање на антидискриминација и заштита на правата на ранливите групи (вклучувајќи ЛГБТИ, малцинствата и Ромите) и

• промовирање и заштита на слободата на изразување и медиумите

Механизмот за координација на експертизата кој обезбедува законодавна експертиза и совети за политики во рамките на системот на Советот на Европа, исто така, останува важен дел од програмата достапна за сите корисници. Хоризонталниот инструмент се потпира на уникатните работни методи на Советот на Европа, при што активностите за техничка соработка прилагодени се засноваат на заклучоци и препораки на мониторинг телата на Советот на Европа ги истакнуваат областите каде што се потребни подобрувања во законодавството и политиките на Корисниците за да се усогласат со договорите и другите стандарди на Организацијата.

Кои проекти на Хоризонталниот инструмент се спроведуваат во Северна Македонија?

Во Северна Македонија во моментов се спроведуваат следните активности: