Корисниците и партнерите на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија – ЈУФРЕКС“ ја потврдија нивната посветеност за поддршка кон идните заложби со цел зајакнување на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија, во согласност со европските стандарди. Ова беше истакнато на Вториот онлајн состанок на Управниот одбор на ЈУФРЕКС проектот во Северна Македонија, што се одржа на 16 февруари 2021 година, и на кој присуствуваа клучни претставници/чки од Европската Унија, Советот на Европа и корисниците на проектот (Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на новинари на Македонија, Министерството за внатрешни работи, Адвокатската комора, Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги и Правниот факултет „Јустинијан први“ – Скопје).
Г-а Лејла Дервишагиќ, Оперативна директорка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, го отвори овој онлајн состанок истакнувајќи ја важноста на слободата на изразување како едно од основните човекови права и релевантноста на истата во едно демократско општество. Во таа насока, ЈУФРЕКС проектот и резултатите од истиот се од голема важност кон обезбедувањето слобода на изразување во Северна Македонија.
Г-дин Фрејк Јанмат, Раководител на Сектор Економски прашања, градење институции, прекугранична соработка во ЕУ Делегацијата во Скопје, им се обрати на учесниците/чките и ја истакна важната улога на проектот ЈУФРЕКС во обезбедувањето слобода на изразување и слобода на медиумите преку експертизата и праксата на Советот на Европа како комплементарна активност со други тековни проекти на ЕУ и на локално и на регионално ниво.
Главните активности и клучните резултати во текот на изминатата година беа презентирани и дискутирани со учесниците/чките кои ги истакнаа предизвиците со кои се соочивме поради КОВИД-19 пандемијата. Експертката за мониторинг и евалуација во рамки на проектот ЈУФРЕКС во Северна Македонија ги презентираше резултатите и го потврди успешното прилагодување на планот на активности на проектот на условите наметнати од пандемијата, како и постигнатите резултати.
Некои од главните активности и алатки развиени во рамките на ЈУФРЕКС во изминатиот период се:
- Превод на различни релевантни документи и препораки од Советот на Европа на тема слободата на изразување во време на криза;
- Ажуриран Прирачник за слободата на изразување за сертифицираните ЈУФРЕКС обучувачи/ки и прилагоден на локалната легислатива во Северна Македонија;
- Нов сет на алатки за презентација (ppt презентации базирани на Прирачникот) преведени и прилагодени на локалната легислатива во Северна Македонија;
- Нов ЈУФРЕКС/ХЕЛП онлајн курс за Слобода на изразуваање преведен и прилагоден на локалната легислатива во Северна Македонија;
- Нов ЈУФРЕКС/ХЕЛП онлајн курс за Заштита и безбедност на новинарите преведен и прилагоден на локалната легислатива во Северна Македонија;
- Обука на обучувачи/ки на тема Слобода на изразување;
- Вебинари со Здружението на новинари на Македонија;
- Работилници, објавена студија за плурализам во медиумската сопственост и превод на релевантни публикации од Советот на Европа за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги;
- Кампања за видливост на социјалните медиуми.
Сите овие модерни и интерактивни алатки за напредно учење на возрасни кои се развиени во рамките на ЈУФРЕКС, не само што обезбедуваат информации за стандардите на слободата на изразување и медиумите, туку даваат и јасни насоки за нивна правилна интерпретација и имплементација. Таквите алатки се наменети за различни целни групи меѓу кои и судии/јки, обвинители/ки, адвокати/ки во делот на медиумите, полициски службеници/чки, но и студенти/ки по право и новинарство, новинари/ки, други медиумски актери и претставници/чки на граѓанското општество и други чинители.
Сите ЈУФРЕКС алатки и материјали се развиени од аспект на родова разновидност, истовремено зголемувајќи ја одржливоста на сопствеништвото на испорачаните резултати во рамките на ЈУФРЕКС кај корисниците во Северна Македонија. Во продолжение на дискусијата за успехот на проектот досега, состанокот се фокусираше и на трасирање на патот за севкупно успешно завршување на проектот во корист на сите чинители.
Проектот “Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија” е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа “Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022”.
