Back Подобрување на медиумското известување за родово-базирано насилство во соработка со медиумскиот регулатор и саморегулаторното тело за етика во медиумите во Северна Македонија

Подобрување на медиумското известување за родово-базирано насилство во соработка со медиумскиот регулатор и саморегулаторното тело за етика во медиумите во Северна Македонија

Родово-базираното насилство продолжува да биде сериозен предизвик во Северна Македонија, со бројот на пријавени случаи во пораст посебно во текот на последните месеци поради карантините воведени за време на пандемијата на КОВИД-19.

Според официјалните податоци објавени од Министерството за внатрешни работи, 81 случај на домашно насилство биле пријавени во периодот од јануари-јуни 2020 година и регистрирани се 6 убиства како резултат на домашно насилство, додека во 2019 година истиот период регистрирани биле само 2. Интересот на медиумите да известуваат за вакви случаи е огромен, но сепак на медиумите некој пат им недостасуваат основни стандарди на етика при известување за осетливи теми од овој тип, па така штетата направена од медиумите може да биде еднаква или поголема од штетата која ја претрпела жртвата на нападот – со што е повторно жртва.

Со цел да се соочиме со силните предизвици за медиумското известување за родово-базирано насилство, во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“, денес во Скопје се одржа онлајн работилница за регулаторното тело за медиуми – Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиумски Услуги и саморегулаторното тело – Совет за етика во медиумите во Македонија. На состанокот учесниците/чките дискутираа за клучните факти и предизвици во врска со регулирањето, саморегулирањето и мониторингот на примената на стандарди за известување на медиумите за случаи на родово-базирано насилство.

Целта на работилницата беше релевантните чинители и претставници/чки од полето да дискутираат на темата за да се подобри начинот на кој медиумите известуваат за родово-базираното насилство и соодветно да ги зајакнат своите капацитети. Имено, по ратификувањето на Истанбулската Конвенција, македонските власти изработија и усвоија План на активности (2019-2023) од каде и доаѓа потребата за работилница од овој тип. Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и домашно насилство беше усвоен од страна на Владата на Република Северна Македонија и по јавниот увид истиот ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија. Поради тоа, сè уште нема завршница во однос на легислативата и системската заштита на жени и девојчиња како жртви на насилство, и има недостаток на активности во делот на превенцијата. Со цел да се надополнат овие недостатоци и да се реализираат соодветните активности од Акцискиот план согласно Истанбулската Конвенција, заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа ЈУФРЕКС за Северна Македонија го поддржува регулаторното тело за медиуми и саморегулаторното тело преку соодветни активности.

Меѓународната експертка на Советот на Европа презентираше за искуството во земјите од ЕУ за примена на стандардите за известување за случаи на родово-базирано насилство во медиумите, основните концепти за известување, како и на што треба да се внимава при вршењето мониторинг. Дополнително многу теми поврзани со стереотипите, предрасудите и митовите беа презентирани и дискутирани, откривајќи ги така општествените ставови кон жените и девојчињата од една страна и мажите и момчињата од друга страна. Прифаќањето на родово-базираното насилство е дел од традицијата и културата на една нација преку родовите улоги кои придонесуваат кон родова нееднаквост и застој во развојојт.

Претставници/чки од регулаторното тело за медиуми и саморегулаторното тело за етика во медиумите во Северна Македонија учествуваа во плодна дискусија на презентираната тема и се стекнаа со конкретни знаења. Како дополнителна активност на оваа, проектот ЈУФРЕКС во Северна Македонија ќе поддржи и изработка на саморегулаторен документ во вид на Водич за вршење мониторинг на примената на стандардите за известување за случаи на родово-базирано насилство во медиумите, практична алатка што ќе има ја олесни работата на регулаторното и саморегулаторното тело.

Оваа работилница беше организирана во рамки на проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“ и им овозможува на Корисниците да ги исполнат реформските агенди во делот на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди во рамки на процесот на проширувањето на ЕУ, онаму каде што е тоа применливо.

Скопје 4 декември 2020
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page