Борбата за слобода на изразување повеќе не се води само во редакциите — таа се префрли и во судниците, каде што суди(јк)ите и јавните обвинител(к)и играат клучна улога во одбраната на демократскиот простор.
Во тој контекст, суди(јк)и и јавни обвинител(к)и од целата земја се собраа во Скопје на обука за јакнење на капацитетите за заштита на слободата на изразување и безбедноста на новинар(к)ите. Обуката е организирана во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители.
Ова е прв структурен настан од ваков вид во низата на каскадни обуки дизајнирани за институционализирање на преносот на знаење, користејќи методологии за учење на возрасни развиени во рамки на ПРО-ФРЕКС. Настанот следува по двете сесии за обука на обучувач(к)и, кои се одржаа за новообучени и веќе обучени суди(јк)и, обвинител(к)и и адвокат(к)и, и претставува значаен чекор кон долгорочна одржливост и влијание во рамките на националното судство.
Настанот се надоврзува на речиси децениска успешна соработка помеѓу Советот на Европа и Академијата, започната преку програмата ЈУФРЕКС, и понатаму ја зајакнува улогата на судството во заштитата на слободата на изразување согласно член 10 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Организиран веднаш по Светскиот ден на слободата на медиумите (3 мај), настанот беше и потсетник на тековните предизвици со кои се соочуваат новинар(к)ите во Северна Македонија. Според најновиот Индекс за слобода на медиумите за 2025 година на „Репортери без граници“, земјата се најде на 42. место, што претставува пад во однос на минатогодишното 36. место, укажувајќи на зголемени загрижености за медиумската слобода и безбедноста на новинар(к)ите.
Една од клучните теми опфатени на обуката беше порастот на стратешките тужби против јавно учество (СЛАП) – злоупотреба на правото со цел замолчување на критичкото новинарство. Учесниците/чките дискутираа за релевантните инструменти на Советот на Европа и Европската унија за справување со СЛАП тужбите, и размислуваа како судството може поефективно да ги заштити новинар(к)ите од правното вознемирување и заплашување.
Обуката беше модерирана од меѓународни и национални консултанти, кои ги водeа сесиите фокусирани на правните аспекти на слободата на изразување, вклучително и практични анализи на случаи, позитивните обврски на државата согласно член 10 од ЕКЧП, како и интерактивни дискусии за примената на саморегулацијата и анти-СЛАП стандардите во судски постапки. Меѓу нив беа меѓународниот правен експерт Питер Норландер, ко-автор на Прирачникот за слобода на изразување на Советот на Европа и на модулите за обука за СЛАП, судијата на Апелационен суд Александар Шопов кој од 2016 година е вклучен како национален консултант, како и новинарот Васко Маглешов со долгогодишно искуство во истражувачко новинарство и следење на судски процеси. Нивната експертиза од различни перспективи придонесе за збогатување на дискусиите со интерсекторски пристап.
Со поддршка на судството во развој на доследен пристап од аспект на човековите права кон слободата на изразување и заштитата на медиумите, овие активности директно придонесуваат кон унапредување на владеењето на правото и демократските вредности во Северна Македонија.
Оваа активност е организирана во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, која ја спроведува Одделението за соработка за слобода на изразување, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal facility за Западен Балкан и Турција“.

