URL: https://www.coe.int/en/web/cpt/about-the-cpt_MK

Накратко за КСТ

"Накратко за КСТ"

Европска конвенциjа за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување

 Стандарди на КСТ


Спречување на лошо постапување со лица лишени од слобода во Европа

КСТ организира посети на местата на притворање и затворање, со цел да оцени како се постапува со лицата лишени од слобода. Овие места вклучуваат затвори, воспитно - поправни центри за малолетни сторители, полициски станици, прифатни центри за сместување на емигранти, психијатриски болници, социјални домови за згрижување и други.

Делегациите на КСТ имаат неограничен пристап до местата за лишување од слобода и имаат право слободно да се движат внатре во овие места без ограничување. Тие насамо разговараат со лицата лишени од слобода и слободно комуницираат со сите лица кои можат да дадат потребни информации.

По секоја посета, КСТ до засегнатата држава испраќа детален извештај. Во овој извештај се содржани наодите и препораките на КСТ, како и забелешки и барања на информации од страна на комитетот. КСТ исто така бара детален одговор на прашањата покренати во неговиот извештај . Овие извештаи и одговорите претставуваат дел од постојаниот дијалог што комитетот го води со засегнатите држави.

Целосниот назив на КСТ е „Европски комитет за спречување на тортурата и нечовечното и понижувачко постапување или казнување”. Со тоа се нагласуваат две значајни особености: прво, неговиот обем на делување ја опфаќа Европа, и второ, не ја покрива само тортурата, туку и широк дијапазон на ситуации кои можат да се подведат под „нечовечно и понижувачко постапување или казнување“.

Систем на посети

Посетите ги спроведуваат делегации кои вообичаено се составени од неколку членови на КСТ, кои ги придружуваат вработените во Секретаријатот на КСТ, а доколку е потребно се вклучуваат и други експерти и толкувачи.

Делегациите на КСТ ги спроведуваат посетите на периодична основа (вообичаено еднаш на секои четири години), но дополнително се вршат „ad hoc” посети кога за тоа ќе се јави потреба.

КСТ мора да ја извести државата дека има намера да изврши посета. По известувањето, делегацијата на  КСТ може, во кое и да е време, да ги посети местата каде што лицата можат да бидат лишени од слобода.

Соработка и доверлив карактер

Начелата на соработка и доверливиот карактер на комуникацијата се вградени во меѓународниот договор со кој се основа КСТ.

  • Соработката со националните власти се наоѓа во средиштето на активностите на КСТ, бидејќи целта е да се заштитат лицата кои се лишени од слобода, а не да се осудат државите за сторените повреди.
  • Доверливиот карактер е втора карактеристика на работата на КСТ. Наодите и извештаите на комитетот и одговорите на владите, по правило, имаат доверлив карактер. Сепак, голем дел од информациите поврзани со работата и активностите на КСТ се наоѓаат во јавната сфера.

Објавување

  • Самата држава може да бара објавување на извештајот на КСТ, заедно со нејзиниот одговор. Досега, повеќето држави одбраа овие документи да се објават.
  • Доколку државата не соработува или одбива да ја подобри состојбата според препораките на КСТ, тој може да одлучи да даде јавна изјава.
  • Покрај тоа, КСТ изготвува oпшт извештај за своите активности, кој се објавува еднаш годишно.

Структура на КСТ

  • Членовите на КСТ се независни и непристрасни експерти кои имаат различно образование, вклучувајќи правници, лекари и специјалисти за прашањата поврзани со затворите и полицијата.
  • Комитетот на министри на Советот на Европа избира по еден член во КСТ од секоја земја членка. Членовите на КСТ истапуваат лично (односно тие не ја претставуваат државата во однос на која се избрани). Со цел да се обезбедат натамошни гаранции за независноста, членовите на КСТ не одат во посети на државите во однос на кои се избрани.
  • Секретаријатот на КСТ е дел од Советот на Европа.

Основни податоци

  • КСТ е основан со „Европската конвенција за спречување на тортура и нечовечното и понижувачко постапување или казнување”, акт на Советот на Европа, кој стапи во сила во 1989 година.
  • КСТ се надградува над член 3 од Европската конвенција за човекови права, кој предвидува дека „никој не смее да биде изложен на тортура и нечовечно и понижувачко постапување или казнување”.
  • КСТ не е истражно тело, но обезбедува вонсудски превентивен механизам за заштита од тортура и од други форми на лошо постапување, на лицата лишени од слобода. КСТ се надополнува на работата на Европскиот суд за човекови права.

Ратификации

  • Конвенцијата е ратификувана од 46 земји членки на Советот на Европа.
  • Конвенцијата е отворена за потпишување од страна на државите членки на Советот на Европа. Комитетот на министри може да упати покана до земја која не е членка на организацијата, да пристапи кон Конвенцијата.