Back Комитетот за спречување на тортура на Советот на Европа го објави Извештајот за “Поранешната Југословенска Република Македонија”

Комитетот за спречување на тортура (КСТ) на Советот на Европа денес го објави Извештајот за неговата шеста посета на “Поранешната Југословенска Република Македонија” во мај 2006 година[1], заедно со одговорот од страна на властите. Двата документи се објавени на барање на Владата.

Значителен број лица – вклучувајќи и малолетници – кои беа интервјуирани во текот на посетата наведоа дека биле жртви на лошо постапување од страна на полицијата, поконкретно постојат континуирани тврдења кои се однесуваат на припадниците на Специјалните мобилни полициски единици (познати како Алфи). Овие тврдења уште еднаш ја потенцираа потребата властите да пренесат јасна порака дека лошото постапување со лицата лишени од слобода е незаконско и ќе биде строго санкционирано. Понатаму, Комитетот даде неколку препораки со цел да се зајакне заштитата од лошо постапување и да се подобри ефикасноста на процедурите за поплаки против полицијата.

Во однос на затворските установи, извештајот наведува дека биле добиени веродостојни тврдења за лошо постапување од персоналот во затворот Идризово и затворот Скопје. КСТ препорачува дека е потребно на персоналот во овие затвори да му се пренесе јасна порака дека физичкото малтретирање на затворениците не е прифатливо и строго ќе се санкционира. Комитетот исто така препорача да се превземат конкретни мерки за отстранување на појавата на лошо постапување, вклучувајќи и подобрување на механизмите на управување и надзор. Понатаму, КСТ препорача властите да му стават крај на користењето на ланци за ограничување на ранливите групи затвореници во затворот Скопје.

Генерално, наодите на КСТ ставаат акцент на лошото управување и надзорот во затворите, несоодветната бројност на персонал на различните нивоа, како и недостигот на соодветна обука за персоналот. КСТ препорачува да се направи детален преглед на затворските здравствени услуги, вклучувајќи ги и услугите кои се однесуваат на третманот на затвореници со психички проблеми. Во однос на материјалните услови, КСТ смета дека одредени делови за сместување во затворот Идризово се нечисти и Комитетот препорачува превземање на итни мерки кои ќе ја подобрат сигурноста и хигиената во овој затвор. Комитетот даде дополнителни препораки со цел да се обезбедат прифатливи материјални услови во сите затвори. Како заклучок, опсервациите го наведоа КСТ да препорача Министерството за правда да изготви сеопфатен стратешки план за подобрување на затворскиот систем, имајќи ја во предвид и итната потреба за ре-локација на воспитно-поправната институција.

КСТ ги нотираше значајните реформи кои се во тек во областа на менталното здравје, посебно преку де-институционализацијата на психијатрија и напорите за поддршка на психијатриската нега во заедницата. Сепак во однос на психијатриската болница Демир Хисар, КСТ прими многубројни наводи за лошо постапување со пациентите од страна на персоналот и им препорача на властите да превземат соодветни мерки за спречување на лошото постапување во болницата. Истовремено, КСТ нагласи дека врзувањето на пациентите за нивните кревети со ланци е целосно неприфатливо, препорачувајќи сите ланци да се исфрлат од болницата и да се усвојат соодветни процедури и заштитни мерки во однос на пациентите кои треба физички да бидат ограничени. Препораките на Комитетот исто така се однесуваат на нискиот број на вработени, лошите материјали услови и заштитните мерки во однос на сместувањето на пациенти во болницата.

КСТ согледа бројни структурни подобрувања во Специјалната установа за ментално попречени лица Демир Капија во однос на неговата претходна посета во 2002 година. Сепак, останува загриженост посебно во поглед на насилството меѓу пациентите и екипираноста со персонал на различни нивоа.

Како одговор, националните власти укажаа на инструкциите кои беа доставени до сите полициски станици во однос на третманот на лицата лишени од слобода како и за заштитните мерки кои треба да им се дадат. Дадени се и информации за плановите за доградба и проширување на затворите. Во однос на психијатриските установи, Владата се повика на Законот за ментално здравје, усвоен неодамна, и обезбеди детални информации за превземените мерки за подобрување на материјалните услови, зголемување на бројот на вработени и обезбедување на подобар надзор во Психијатриската болница Демир Хисар. Беше дадена потврда дека повеќе не се користат ланци во психијатриските болници. Националните власти исто така дадоа информации за мерките кои беа превземени во институцијата во Демир Капија за намалување на инцидентите со насилство и подобрување на бројот на вработените.

Извештајот на КСТ, како и одговорот на националните власти по Извештајот од посетата на КСТ во мај 2006 г. може да се најдат на страницата на КСТ (http://www.cpt.coe.int) на англиски и македонски јазик. 

[1] Дополнителна ad-hoc посета на “Поранешната Југословенска Република Македонија” беше извршена во октомври 2007 година. 

13/02/2008
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page