Back Инвестирајте во образованието и знаењето јазици за да изградите кохезивно општество, рече Комесарот Муижниекс во Скопје

посетата
Инвестирајте во образованието и знаењето јазици за да изградите кохезивно општество, рече Комесарот Муижниекс во Скопје

„Македонските власти треба да спроведат политики што поттикнуваат интеграција и разбирање меѓу етничките заедници и промовираат социјална кохезија, истовремено штитејќи ја разновидноста“ – рече Комесарот за човекови права, Нилс Муижниекс, по петдневната последователна посета на „поранешната Република Македонија“, од 29 јануари до 2 февруари.

Мировниот договор што стави крај на меѓуетничкиот конфликт во 2001 доведе до промени, на пример, во областите на правичната застапеност на заедниците во јавните институции, децентрализацијата и употребата на јазиците. Сепак, социјална кохезија не е постигната“. Македонското општество останува длабоко поделено долж етнички и јазични линиии и крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција за да ги надминат овие поделби“ – рече Комесарот Муижниекс.

Комесарот беше особено загрижен поради растечката сепарација меѓу етничките македонски и етничките албански деца, кои имаат малку можности да се среќаваат, да учат заедно и да си играат заедно, бидејќи образовниот систем е поделен според наставниот јазик. Сепарацијата раѓа недоверба, стереотипи и предрасуди. Комесарот посети две училишта во Тетово и едно во општината Шуто Оризари  во Скопје. Тој со интерес се запозна со спроведувањето проекти во некои училишта што им овозможуваат на децата да се мешаат меѓусебе, во заеднички воннаставни активности. Поттикнувајќи ги властите да ги продолжат овие проекти, Комесарот апелираше до нив да разработат посистематски и долгорочни политики за да ја одбегнат сепарацијата меѓу децата од различните етнички заедници во образовниот систем. Тој, исто така, апелираше да се промовираат можностите за учење на македонскиот јазик уште од рана возраст за сите деца, а албанскиот и другите немнозински јазици во областите каде ваквите заедници живеат во значителен број.

„Децата се иднината и од клучна важност, во мултиетничко општество, е да им се даде можност и вештини да градат меѓусебно разбирање, почитување и толеранција. Наместо да ги држи разделени, образовниот систем треба да им обезбеди опкружување што овозможува и поттикнува интеракција“, рече Комесарот. „Инклузивното и интегрирано образование не е утописка цел. Централните и локалните власти треба да поддржат ваков образовен систем, меѓу другото и преку соодветно анимирање и на родителите и заедниците, за децата од сите етнички групи, како и децата со попречености, да имаат можност да се сретнат и да учат едни за други и едни од други.”

Комесарот ги охрабри властите да ги зајакнат  своите напори да ги вклучат децата со попречености во редовните училишта. Тој нагласи дека ова бара образовниот систем да се прилагоди кон потребите на децата. „Инклузивното образование е од полза и на децата со попречености, но и на општеството како целина“, рече Комесарот. Комесарот, исто така, ја поздрави извршената работа за реевалуација на ромските деца кои можеби биле погрешно насочени кон специјални училишта (состојба што ги крши нивните права и ја перпетуира маргинализацијата на Ромите) и за нивна реинтеграција во стандардни училишта.

Комесарот ја искористи можноста при последователната посета да ги охрабри властите да преземат конкретни чекори во спектарот на области поврзани со човекови права каде земјата има преземено обврски и усвоено стратегии, но каде напредокот е бавен. Во однос на планираните промени на законот против дискриминација, Комесарот ги поздрави законските измени да се прошири листата на основи за дискриминација и да се вклучат сексуалната ориентација и родовниот идентитет, и да се зајакне функционирањето на Комисијата за заштита од дискриминација. „Превенирањето и цврстиот одговор на дискриминаторни напади и однесување е од клучна важност за да се постигне социјална кохезија“, нагласи Комесарот.

Комесарот, исто така, препорача интензивирање на напорите за заштита од полициско насилство или злоупотреба на овластувањата што ги засега лицата лишени од слобода, оние кои протестираат, или мигрантите, особено преку основање на Независен механизам за надзор над полицијата. Комесарот понатаму апелираше до властите да стават крај на кршењата на човековите права на границите на земјата, вклучувајќи ги потиснувањата и тргувањето со мигранти и баратели на азил. Тој ги поздрави напорите на властите да го елиминираат етничкото профилирање на Ромите на границите за да се спречат да заминат од земјата и ги поттикна итно да изготват политики за поддршка на луѓето што се враќаат од трети земји и може да се соочат со предизвици при реинтеграцијата во македонското општество и во образовниот систем.

Комесарот ја нагласи важноста на делотворните истраги и гонење на криминалот од омраза, вклучително и против новинари и припадници на лезбејската, геј, бисексуалната и трансродовата заедница. На крајот, ги охрабри властите да го заокружат процесот на деинституционализација на лицата со попреченост, што е во тек во земјава веќе неколку години.  

„Ја поздравувам подобрената атмосфера во земјата за унапредување на човековите права“ рече комесарот Муижниекс. „Политичките лидери имаат одговорност да го искористат овој момент за да постигнат вистинска промена, за сите припадници на македонското општество да можат да ги уживаат своите човекови права“.”

Комесарот ја оствари првата посета на „поранешната југословенска Република Македонија“ во ноември 2012, фокусирајќи се на социјалната кохезија и транзициската правда, како и човековите права на Ромите, по што уследи извештај.

Скопје 02/02/2018
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page