Wydawca treści Wydawca treści
Powrót

Дуња Мијатовиќ: Европа има обврска да ги заштити новинарите

Macedonian Information Agency, 26/04/2018

Убиствата на новинарите се структурни недостатоци на државните институции кои требало да ги заштитат и ваквата ситуација ги загрозува новинарите, исто како што ја загрозува демократијата, порачува Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ.

По повод преземањето на новата функција, Мијатовиќ, објави мислење за „Обврската на Европа да ги заштити новинарите“, што МИА го пренесува во целост:

- „Бруталните убиства на истражувачките новинари Дафне Каруана Галиција и Јан Куцијак се трагично потсетување дека Европа останува опасно место за новинарите. Како европските држави ќе одговарат на овие убиства ќе влијае не само на иднината на медиумите, туку и таа на демократиите.

Поглед на достапните информации помага да се разбере сериозноста на ситуацијата. Само во изминатите 12 месеци убиени се шест новинари, половина од нив во Европската унија. Од 1992 година над 150 новинари се убиени на нашиот континент, еден на секои два месеци. Некои пишуваа за војни, но повеќето беа убиени додека работеа на разоткривање на мрачните агли на корупцијата, криминалот и политиката. Многу од нив бараа политичка заштита, но државните власти ги игнорираа овие барања. 

Ако убиствата се крајниот, највидлив начин да се замолчат новинарите, другите помалку впечатливи опасности, исто така, имаат сериозен негативен ефект врз новинарските слободи и безбедност во Европа. Извештајот што Индексот на цензура и Европската федерација на новинарите го објавија неодамна покажува дека во 2017 година 220 новинари биле притворени или затворени и дека биле регистрирани над 1.000 случаи на ограничување на слободата на медиумите, често и од државни агенти. Од 2015 година Советот на Европа има добиено над 160 известувања за напади, навреди и закани врз новинари, додека истражување од 2017 година покажува дека многу новинари бараат заштита преку авто-цензура со цел да избегнат проблеми.

Таквата токсична атмосфера ја труе демократијата. Нападите врз новинари, без разлика дали се познати истражувачки или само-вработени новинари, секогаш е повеќе од изолирани случаи и не засегаат сите нас. Ако новинарите не може да работат слободно и безбедно станува многу потешко откривањето на случаите на кршење на човековите права, корупција или злоупотреба на моќ. Јавноста добива помалку информации од тоа што е потребно за активно да се вклучат во процесот на одлучување. Така недемократските сили се зајакнуваат.

Поради тоа слободата на медиумите претставува добро воспоставено човеково право во меѓународните договори, национални закони и устави. Како што Европскиот суд за човекови права подвлекува во повеќе пресуди, државите имаат обврска да го поддржат и заштитат животот на новинарите. Во случај да не успеат да ги заштитат нивните животи, државите остануваат обврзани да спроведат ефикасна истрага за убиствата и да ги казнат сторителите.

За жал, државите од Европа доста често не успеваат да ги исполнат овие обврски.

Земете ги истрагите за случаите врз новинари. Тие често се одолговлекуваат со години и додека сторителите понекогаш се соочуваат со лицето на правдата, вистинските умови зад овие случаи ретко се казнети. Таквиот неуспех е дополнителен предизвик за новинарите и нивните семејства и создава чувство на неказнивост што води кон нови напади врз новинари.

Ако државите се грижат за демократијата и владеењето на правото, тие мора да бидат посериозни во спроведувањето на стандардите од човековите права кои ги имаат прифатено за безбедноста на новинарите и медиумските работници. Тие мора да ги спроведат зборовите во дела.

Почетна точка е препораката што сите 47 земји членки на Советот на Европа - што ги вклучува сите земји од ЕУ - го потпишаа во 2016 година. Текстот нуди конкретни мерки за исполнување на обврската на државите за заштита на новинарите и прекин на праксата на неказнивост за делата против нив.

Конкретно, гледам три чекори, кои државите можат и мораат да ги спроведат на краток рок.

Прво, да обезбедат заштита. Полицијата и силите за спроведување на законот не смеат да ги занемаруваат заканите против новинарите или ги игнорираат барањата за заштита. Некои држави имаат добра пракса во обезбедувањето на полициска заштита и треба да ја споделат со други. Зголемената соработка со меѓународните организации, новинарски организации и независните набљудувачи на насилствата врз новинарите, исто така, ќе помогнат во зголемување на капацитетите на државите за заштита на новинарите во рана фаза. 

Второ, да се прекине неказнивоста. Полицијата и судството мора да бидат способни да ги истражат сите случаи на насилство врз новинарите, вклучително и тие кои се однесуваат на државни агенти, и да ги гонат сторителите. Ова бара добро обучена и ефективна полиција и вистински независно судство, слободно од политичко влијание и способно за гонење на највисоките нивоа од власта, ако е потребно.

Трето, промена на легислативата. Законодавците мора да донесат легислатива што ги штити новинарите и ги брани од непотребен притисок. Во однос на клеветите и навредите, тие мора целосно да се декриминализираат и да содржат единствено соодветни граѓански санкции и казни, како и да ги казнат оние што ги злоупотребуваат за замолкнување на новинари. Дополнително, законите кои се однесуваат на дезинформации, тероризам и безбедност, мора да избегнуваат ограничување на слободите и безбедноста на новинарите.

Овие мерки се достижни, доколку постои политичка волја. Со тоа доаѓаме до срцето на проблемот. Во најдобар случај, многу политичари остануваат индиферентни за заканите кон новинарите. Во најлош случај, тие поттикнуваат насилства и внесуваат недоверба кон медиумите. Ваквиот непријателски однос мора да се промени, политичарите мора да ја штитат слободата на медиумите, не да ја поткопуваат.

Убиствата на Дафне Каруана Галиција,Јан Куцијак и многу други новинари не се поради судбина, туку поради структурни недостатоци на државните институции кои требало да ги заштитат. Ваквата ситуација ги загрозува новинарите исто како што ја загрозува демократијата. Време е државите да ја признаат и гарантираат безбедноста на новинарите и другите медиумски работници“, се вели во обраќањето на Мијатовиќ.