Back Надлежните институции дискутираа за здравствената заштита во затворите во Северна Македонија, договорени идните чекори

Надлежните институции дискутираа за здравствената заштита во затворите во Северна Македонија, договорени идните чекори

Тековните предизвици во обезбедувањето здравствена заштита во затворите, како и идните активности за нивно адресирање беа дискутирани од сите надлежни институции, во текот на тркалезната маса одржана на 21-22 март 2022 год. во Маврово.

На координативниот состанок, организиран во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа во рамките на „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022”, учествуваа сите директори на казнено-поправните и воспитно-поправните установи, раководството на Управата за извршување на санкциите (УИС), надлежните за примарна здравствена заштита во Министерство за здравство, како и раководителите на Здравствен дом Скопје, претставниците на Народниот правобранител и дел од затворските лекари.

Состанокот беше отворен од државниот секретар на Министерството за здравство, кој се заблагодари на Советот на Европа за дадената поддршка, истакнувајќи ја постојаната посветеност на министерството. „Здравствената заштита е основно човеково право и сите државни институции се по закон обврзани да им ја обезбедат истата на сите осудени лица, на еднакво ниво како и во заедницата”, истакна г. Марјан Спасовски, директор на УИС. Сите учесници ја поздравија улогата на проектот во зајакнување на капацитетите на здравствените работници, како и подобрувањето на материјалните услови во затворите во Северна Македонија. Изминатата година, Советот на Европа обезбеди медицинска опрема во шест затворски установи, во вкупна вредност од 46,000 ЕУР, вклучувајќи и стоматолошка ординација во КПУ Идризово, најголемиот затвор во земјата.

Препознавајќи го вработувањето на здравствените работници како клучен предизвик, беа прифатени со консензус препораките на консултантите ангажирани од Советот на Европа. Тема на дискусија беа и наоѓањата и препораките на извештаите на КПТ, Народниот правобранител, како и претходните извештаи во рамките на проектот. Како следен чекор, со Министерството за здравство и со УИС ќе се работи кон спроведување на препораките, кои се очекува да ги подобрат условите и мотивацијата на здравствениот персонал во затворските установи.

На состанокот беше финализирана и конечната нацрт-верзија на Стандардната оперативна процедура за ефективна здравствена заштита во затвори, подготвена во рамките на проектот. Од мај 2022 се очекува истата да биде пилотирана во КПУ Штип, под водство и надзор на консултантите на Совет на Европа.

Оваа активност беше организирана во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија”, дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа во рамките на „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022” .

Маврово 21 - 22 март 2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page