Back Поврзување на теоријата и праксата: човековите права и полициското работење

Поврзување на теоријата и праксата: човековите права и полициското работење

Вкупно 625 полициски службеници ја поминаа нашата обука за човекови права, полициска етика и употреба на сила. Дваесет и петте сесии за обука беа спроведени во текот на септември 2017 г. во соработка со Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи.

Дводневните сесии за обука беа одржани од страна на 20 искусни полициски службеници, национални едукатори кои беа обучени во рамките на претходна заедничка програма на ЕУ/Советот на Европа. Националните едукатори ги спроведоа обуките врз основа на трите модули за континуирана обука на полициски службеници: полициска етика и човекови права; приведување, лишување од слобода и употреба на сила, како и модулот за задржување и спречување на несоодветно постапување, кои беа претходно изготвени од страна на работна група, составена од претставници на Бирото за јавна безбедност и Центарот за обука и фасилитирани од меѓународни консултанти на Советот на Европа.

Г-ѓа Маја Стојановска, национален едукатор за полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Скопје изјави: „Целта на сесиите за обука е да се поврзат теоријата и праксата и преку интерактивна обука да се унифицираат полициските процедури и активностите преземени од сите полициски службеници на тој начин обезбедувајќи законска примена на полициските овластувања во однос на човековите права и применувајќи го законот подеднакво за сите граѓани.” Запрашана да го сподели своето искуство како жена во професија во која доминираат мажи, таа изјави: „Не треба да се прави разлика помеѓу машки и женски професии. Напротив, квалификациите и вредноста на полициските службеници треба да се базираат исклучиво врз професионализмот, законското постапување, степенот на компетентноста, полициското искуство, вештините за пренесување на знаење преку обуки и високото ниво на полициски интегритет.”

Едукаторот Љупчо Ѓурчевски ја спомена потребата од спроведување на каскадна континуирана обука на полициски службеници за овие теми. Тој го истакна следното: „обуката беше многу корисна, посебно за помладите и помалку искусни полициски службеници за стекнување на знаење во однос на примената на полициските овластувања во праксата. Преку размена на практични искуства и дискусија за конкретни случаи со поискусните колеги, учесниците на обуката можеа да детектираат одредени пропусти во начините на вршење на нивните полициски задачи кои потенцијално би можеле да водат кон повреди на човековите права. Понатаму, обуката беше корисна за утврдување на начините за законско и соодветно спроведување на полициските постапки и на примената на полициските овластувања во согласност со стандардите за човековите права во однос на полициското работење во демократско општество и во согласност со европските стандарди.”

Една од учесничките на обуката, Маја Крстевска, го изрази своето задоволство со исходот од обуката и се фокусираше на начинот на примена на обуката во нејзината секојдневна практична работа. Таа го изјави следното: „Беше добро да се обнови знаењето за полициското постапување во однос на приведувањето, лишувањето од слобода, како и за правата на граѓаните кога се лишени од слобода, посебно во однос на третманот на ранливите категории на лица, како децата, бремените жени, постарите лица и лицата со инвалидитет, како и за употребата на средствата за присилба во специфични конкретни ситуации.” Таа сметаше дека најважните теми и прашања во однос на секојдневната практична полициска работа се покриени во модулите и во обуката и затоа стекнатите вештини ќе бидат многу корисни во нејзината работа како полициски службеник.

Друг учесник во обуката, Влатко Бандоски, изрази надеж дека обуките „би можеле да станат редовни со оглед дека се доста корисни за младите полициски службеници и даваат можност за дискусија во врска со практичната имплементација на законите и процедурите со поискусните полициски инструктори и за поставување на прашања во некои области каде недостигаат дополнителни информации.”

Советот на Европа и Европската Унија силно ги поддржуваат напорите на државата за зајакнување на континуираната обука на полициските службеници преку развивање на мрежа национални едукатори, кои ги стекнаа потребните вештини за пренесување на нивното знаење на своите колеги низ целата држава преку каскадни обуки, на тој начин обезбедувајќи одржлив пристап во однос на обуката на полицијата. Гледајќи долгорочно, ваквиот пристап ќе ја зголеми професионалноста и ефикасноста на полицијата на тој начин гарантирајќи посилно етичко однесување и почитување на човековите права во секојдневната работа на полицијата.

Овие сесии за каскадна обука беа организирани како дел од проектот „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување”, кој е ко-финансиран од Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција” и го спроведува Советот на Европа.

headline Скопје 02 октомври 2017
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page