Back Адвокат(к)и од Северна Македонија обучени на тема заштита и безбедност на новинар(к)ите

Адвокат(к)и од Северна Македонија обучени на тема заштита и безбедност на новинар(к)ите

Безбедноста на новинар(к)ите е тема во централен фокус на Советот на Европа, онака како што е забележана во судската пракса на Европскиот суд за човекови права (Судот) и во други иницијативи. Европските стандарди кои се релевантни за безбедноста на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и се развиваат низ судската пракса на Судот, и главно се базират на членот 2 за право на живот, членот 3 за забрана на мачење и членот 10 за слобода на изразување од Европската конвенција за човекови права. Земајќи го предвид постојаниот развој на судската пракса на Судот и потребата за соодветна примена од страна на земјите членки на Советот на Европа, има потреба и од соодветни обуки на правните професионалци/ки во делот на слободата на изразување и поконкретно заштитата и безбедноста на новинар(к)ите.

Со цел да се одговори на таквата потреба, одбрана група на адвокат(к)и од Северна Македонија беа обучени на тема заштита и безбедност на новинар(к)ите на дводневна каскадна обука, организирана на 25-26 март од страна на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија“ (ЈУФРЕКС), во партнерство со Адвокатската комора на Северна Македонија. Адвокат(к)ите имаа прилика да слушнат излагања за европските стандарди, но и за воспоставените механизми за подобрување на заштитата на медиумите, новинар(к)ите и слободата на изразување.

Еден од овие механизми, кој Советот на Европа го стартуваше во 2015 година е платформата за унапредување на заштитата на новинарството и безбедноста на новинар(к)ите. Платформата има за цел да ја подобри заштитата на новинар(к)ите, подобро да ги адресира сите закани и насилства против медиумските актер(к)и, преку таргетирани активности и преку зајакнување на механизмите за навремено предупредување и капацитетите за одговор во рамките на Советот на Европа.

 

Во 2016 година, Комитетот на Министри при Советот на Европа исто така ја усвои Препораката за заштита на новинарството и безбедност на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и. Оваа Препорака ја истакнува потребата земјите членки на Советот на Европа да се усогласат со релевантните меѓународни правни стандарди. Ги повикува земјите да ги ревидираат своите закони и пракси за да го отсликуваат правото на слобода на изразување на новинар(к)ите и другите медиумски актер(к)и.

 

Во текот на двата дена на обуката, свој вреден придонес дадоа и меѓународниот експерт на Советот на Европа и локалните експерти кои соодветно ја презентираа релевантната пракса во смисла на европските стандарди и судската пракса на домашните судови во Северна Македонија. Како прва од двете каскадни обуки на оваа тема, оваа обука има за цел да обезбеди одржливост на проектот ЈУФРЕКС и примена на европските стандарди и по завршувањето на самиот проект.

 

Овaa обука беше организирана во рамки на Договорот за грант со Адвокатската комора на Северна Македонија за проектот „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС 2)“. Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија/Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“, која им овозможува на корисниците да ги спроведат реформските планови во областите човекови права, владеење на правото и демократијата, и да се усогласат со европските стандарди, вклучително, по потреба, во рамки на процесот на проширување на ЕУ.

Скопје 25 - 26 март 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page