Back Клучните институции дискутираа за нацрт-Националната пенитенцијарна стратегија на Република Северна Македонија

Клучните институции дискутираа за нацрт-Националната пенитенцијарна стратегија на Република Северна Македонија

Главните актери и вклучени страни во полето на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија се состанаа на тркалезна маса во Скопје, на која дискутираа за финализирање на нацрт „Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем на Република Северна Македонија (2021-2025)“. На овој настан учествуваа 33 претставници од најважните јавни институции од областа на затворите, односно Управата за извршување на санкциите (УИС) при Министерството за правда, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, канцеларијата на Народниот правобранител, Националниот координатор за борба против насилниот екстремизам, како и граѓанското општество и донаторската заедница.

На настанот се обратија г-дин Фрек Јанмаат, раководител на оперативно работење I во Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, како и г-дин Петар Јорданоски, проектен менаџер во Одделението за кривично-правна соработка при Советот на Европа, кој ја истакна важноста на оваа стратегија во поставувањето на приоритетите за продолжување на реформите во затворите. Директорот на УИС, г-дин Марјан Спасовски, ја образложи стратегијата и нејзините клучни елементи, додека учесниците ги споделија своите ставови и мислења. Предлозите добиени за време на конструктивните и тематски дискусии ќе бидат опфатени во финалната верзија на Стратегијата, која во наредните недели ќе и биде предложена на Владата за усвојување.

Повеќе од една година, работната група задолжена за развој на стратегијата се фокусираше на обликување на заедничката визија и мисија, поставување на целите на стратегијата и планирање на активностите за системско адресирање на предизвиците на пенитенцијарниот систем.

Откако ќе биде усвоена, спроведувањето на новата стратегија ќе обезбеди подобрен пенитенцијарен систем, каде осудените лица се третирани во безбедна средина со почит и достоинство, поддржани во нивните лични напори за раст и рехабилитација, и ќе добијат пост пенална поддршка во согласност со нивните потреби по нивниот отпуст во општеството.

Оваа активност беше организирана како комбиниран настан во рамките на проектот „ Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија”, кофинансиран од Европската унија и Советот на Европа во рамките на „ Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022” и имплементиран од страна на Советот на Европа.

Скопје 5 февруари 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page