Back Комитетот против тортура, тело на Советот на Европа, го објави извештајот за својата посета на Северна Македонија во 2019 година

Во извештајот за Северна Македонија објавен денес, Комитетот против тортура (CPT), дел од Советот на Европа утврди дека има повторна појава на злоставување од страна на полицијата и дека досега властите не сториле доволно за да се осврнат на долготрајните структурни недостатоци во рамки на затворскиот систем.
Комитетот против тортура, тело на Советот на Европа, го објави извештајот за својата посета на Северна Македонија во 2019 година

Комитетот за превенција на тортура, нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ - Committee for the Prevention of Torture and Inhuman or Degrading Treatment or Punishment, CPT), тело во рамките на Советот на Европа, го објави денес извештајот за својата петта периодична посета на Северна Македонија, спроведена од 2 до 12 декември 2019, заедно со одговорот од властите.

Во тек на посетата во 2019 година, делегацијата на КПТ прими многу наводи за физичко злоставување на осомничени за кривични дела, од страна на полициски службеници. Лицата се жалеа дека биле подложени на шлаканици, удари со тупаница, клоци и удари со пендреци и други предмети во време на нивното задржување или внатре во полициска установа, со цел да се добие признание. Извештајот вклучува подробности за неколку случаи каде делегацијата најде медицински докази што ги поткрепуваат наводите. КПТ препорачува властите на Северна Македонија да преземат низа мерки, вклучувајќи повикување на одговорност на надредените офицери за нивната раководна одговорност и обука за модерни техники за истрага на криминал. Понатаму, заштитните механизми како пристапот до адвокат и известување на трето лице дека лицето е задржано мора да се применуваат од првиот момент кога лицето е лишено од слобода. Исто така, постои потреба да се подобри делотворноста на истрагите за наводите за злоставување.

Извештајот е мошне критичен околу тоа што опстојува пропустот на властите на Северна Македонија да се осврнат на некои темелни недостатоци на затворскиот систем. Потребно е итно делување за да се одговори на непостоењето на професионален пристап при менаџирањето на комплексни ситуации во рамки на затворскиот систем, слабото раководење и работење на вработените, ниските нивоа/недоволниот број вработени, слабиот квалитет на здравствена заштита што се обезбедува за затворениците, немањето понуда на соодветен режим на активности за затворениците, високото ниво насилство меѓу затворениците, мошне запуштените материјални услови и ендемската корупција на персоналот. Овие проблеми се најакутни во затворот Идризово, каде престојуваат над 60% од севкупната затворска популација. Извештајот подробно ги опишува нечовечките и понижувачки услови затекнати во главните сместувачки зони на овој затвор. Долготрајните недостатоци во Истражниот затвор Скопје, и во поглед на материјалните услови и отсуството на каков и да е содржаен режим, се повторно наведени.

Во Затворот Охрид, некои од малолетниците што престојуваат во установата наведоа дека биле изложени на шлаканици, удари со тупаница и со нестандардни палки доколку не се однесувале коректно. КПТ препорачува за вработените да се обезбеди обука за деескалација и за мерки на врзување и дека раководството треба подобро да врши надзор над нивното работење. Исто така, од суштествена важност е на сите малолетници кои престојуваат во тој затвор да им се понуди целосна и обмислена програма на активности, што беше далеку од состојбата затекната во време на посетата.

Во однос на психијатриските болници во Демир Хисар и Негорци, КПТ препорачува да се преземат мерки за да се зголеми тимот психијатри и да се разработи понуда на терапевтски и психосоцијални активности врз основа на мултидисциплинарен пристап и индивидуализирани планови за третман на пациентите. Во болницата Демир Хисар мора да се преземат чекори за да се обезбеди сите пациенти да можат да користат рекреација на отворено секој ден. Поопшто, треба да се стори многу повеќе за да се унапреди процесот на деинституционализација, со воспоставување на соодветни услуги за поддршка на менталното здравје во заедницата.

Во однос на Специјалниот завод за лица со интелектуална попреченост во Демир Капија, главната установа за социјална заштита во земјата, извештајот апелира до властите да обезбедат редовен пристап на активности на отворено за сите корисници, да го зголемат бројот на негуватели и да ја зголемат понудата на рехабилитативни активности. Покрај ова, судовите треба да обезбедат редовно и неодложно разгледување на одлуките за сместување на корисниците..

Одговорот на властите на Северна Македонија дава информации за чекорите преземени за да се спроведат препораките дадени од КПТ. Властите особено даваат преглед на мерките усвоени како одговор на итните барања на КПТ (на пр., затворање на некои проблематични крила во затворот Идризово, обезбедувањето редовно водоснабдување во затворот Куманово и реновирање на Затворот Скопје). Понатаму, дадени се информации за отворањето на Воспитно-поправниот дом во Тетово и реновирањето на психијатриската болница Негорци и Специјалниот завод во Демир Капија.

11/05/2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page