Стаповите и камењата можат да ги скршат моите коски, но и зборовите можат исто толку да ме повредат!

Преглед

Оваа активност има цел да ја развие свеста на луѓето за злоупотребата на информатичко-комуникациската технологија (ICT), а особено за сајбер-булингот.

Поврзани права
  • Право на слобода на мисла, мислење и изразување
  • Слобода од мешање во приватност, семејство, дом и преписки
  • Слобода од нечовечки или деградирачки третман
Цели
  • Да сепрошири свесноста за злоупотебата на мобилните телефони и Интернетот
  • Да се развијат вештини за креативно мислење и изнаоѓање начини за борба против „сајбер булингот“
  • Да се негува сочувството и солидарноста
Материјали
  • Флип-чарт хартија и пенкала
  • Листа со изјави
  • Селотејп или конец за обележување на долга линија на подот
Подготовка

Прочитајте ги советите за обучувачите и имајте поширок преглед за тоа што е сајбер-насилство, како се манифестира и начините за негово идентификување. Истражете за да имате основна идеја за законите против сајбер-насилството во вашата земја.

compass-key-date
  • 8 ФевруариДен на побезбеден Интернет

Инструкции

1„Стаповите и камењата можат да ми ги скршат коските, но збровите никогап нема да ме повредат.“ често се поврзува со робовите за време на ропството во САД Идејата беше дека доколку надзорникот само те опцуе или те нарекува со понижувачки имиња, тошаш тоа е подобро отколку да добиеш брутални удари со неговиот бич. 

1. Започнете со кратка сесија со бура на идеи за врсничкото насилство (булинг). Замолете ги учесниците неколку минути да размислуваат заврсничкото насилство (булинг), што е тоа и како се манифестира. Потоа, соберете ги нивните одговори и напишете ги на флип-чарт. 
2. Направете го истото на чист лист од флип-чарт хартија, овој пат размислувајќи за сајбер-насилството, што е тоа и во какви облици се појавува.
3. Обележете линија на подот со селотејп или конец, која ќе ја наречете „да-линија“. Замолете ги учесниците да се наредат во две прави редици, по една од двете страни на „да-линијата“. 
4. Објаснете дека ќе прочитате некои изјави за сајбер-насилството и дека барате од нив да одговорат, но без да користат зборови. Ако одговорат „да“ на изјавата, тие треба да се поместат еден чекор странично кон „да-линијата“. Тие треба искрено да одговараат.
5. Прочитајте ја првата изјава. Дајте им време да размислат и да одговорат. Потоа, замолете ги да погледнат околу себе и да забележат колку луѓе има на „да линијата“.
6. Замолете ги луѓето да се вратат на почетните линии и да ја прочитаат следната изјава.
7. На крајот, сите нека формираат круг и преминете на резимирање и евалуација. 

Резимирање и евалуација Goto top

Започнете со коментари за изјавите и искуствата на луѓето, а потоа продолжете со разговор што е заедничко за различните видови на врсничкото насилство (булинг) и како да се справиме со нив. 

  • Што знаевте за сајбер-насилството пред да учествувате во оваа активност?
  • Дали сите изјави се доволно сериозни и дали упатуваат на сајбер-насилство? Зошто? Зошто не?
  • Дали има други начини за сајбер-насилство, кои не се спомнаа?
  • Колку често е сајбер-насилството во вашата заедница и во вашата земја?
  • Кои човекови права ги крши сајбер-насилството?
  • Зошто луѓето малтретираат? Зошто луѓето стануваат жртви?
  • Зошто понекогаш се случува луѓето кои биле жртви да почнат да малтретираат други луѓе?
  • Што може да се направи за да се запре сајбер-насилството? Од страна на жртвата? Од страна на другите?
  • Што можете да направте за да се заштите себеси од сајбер-насилството?
  • Кои човекови права се загрозуваат кога луѓето се малтретирани?
  • Член 19 од Универзалната декларација за човекови права при ОН наведува: „Секој има право на слобода на мислење и изразување; ова го опфаќа правото да не биде вознемируван за своето мислење, како и правото да бара, прима и шири информации и идеи, со било кои средства и без оглед на границите.“ Дали треба да има граници за слободата на говорот? Ако треба, кои се последиците и кој одлучува за границите? Ако слободата на говор не е ограничена, кои се последиците?

Совети за обучувачите Goto top

Врсничкото насилство (булинг) и сајбер-насилството се чувствителни теми и вие треба да сте подготвени за емотивни реакции од страна на учесниците кога тие ќе се потсетат на лошите искуства. Луѓето, кои се малтретирани, чувствуваат вина и срам; тие не се перцепираат себеси како жртви, а оние кои се насилници целосно не можат да сфатат зошто го прават тоа. Според тоа, пред да се справите со темата за сајбер-насилството, добро подгответе се и размислете дали сакате да повикате стручно лице од оваа област да ви помогне.

Примери за тоа како да се справите со насилството: 

  • Не одговарајте на заканувачки или навредливи пораки
  • Црна листа на елекронски адреси
  • Сменете ја вашата електронска адреса
  • Сменете го вашиот Интернет провајдер
  • Сменете го вашиот број на мобилниот телефон
  • Чувајте ги вознемирувачките пораки како доказ
  • Споделете го проблемот со некого на кому му верувате. Ако сте дете, мора, на некој начин, да вкучите и возрасен
  • Во одредени околности, вие можете да се соочите со насилникот. Договорете состанок со медијатор и обидете се да му помогнете на насилникот да ги разбере последиците од неговите дејства
  •  Во некои случаи, препорачливо е да ја информирате локалната полиција или да се консултирате со адвокат.

Запомнете дека не е препорачливо вие да возвраќате, бидејќи насилник на насилник му враќа и ваквото однесување може да води кон граѓански парници или криминални обвинувања против вас.

Примери за дејства, кои луѓето можат да ги преземат, за да се заштитат од насилството: 

  • Ограничете ја вашата активност на Интернет – не бидете онлајн цело време
  •  Никогаш не отворајте електронски пораки од извори кои не ги препознавате.
  • Редовно менувајте ги лозинките.
  • Не ставајте премногу лични податоци на вашиот профил.

Најважното нешто што треба да го научат учесниците од оваа активност е дека е неопходно гласно да се зборува и да се сподели проблемот секогаш кога тие ќе го искусат или ќе бидат сведоци. 

Образованието е клучот за спречување на врсничкото насилство (булинг), на прво место и негово запирање, веднаш штом се појави. Механизмите се сложени, а причините се различни во секој случај, но и жртвата и насилникот треба да ги разберат општествените и психолошките сили кои делуваат со цел да бидат дел од решението. Луѓето кои стануваат жртви се срамежливи, чувствителни, анксиозни и несигурни, имаат ниска самодоверба и недостаток на социјални вештини.Физичките особини кои привлекуваат насилство се прекумерните килограми, нискиот раст, попреченоста или припадноста на друга раса, религиска или општествена група. Насилниците тоа го прават, бидејќи тоа е начин да се чувствуваат подобро самите, да се чувствуваат значајно и да ги контролираат другите луѓе. Ако другите го прават тоа, тие можеби мислат дека ќе бидат популарни или „кул“. Врсничкото насилство (булинг), исто, е начин за привлекување внимание, добивање на работи кои се посакувани или казнување луѓе кон кои постои љубомора.

ВаријацииGoto top

Многу луѓе кои биле жртви на насилство подоцна и самите станале насилници, па затоа важно е луѓето да се наведат и да размислуваат за сопствената одговорност. После читањето на изјавите, направете уште еден круг со истите изјави, но овој пат од стојалиште на насилникот. Луѓето не се придвижуваат кон „да линијата“, туку стојат во нивните редици и размислуваат. На пример: „Дали некогаш сте отвориле нечие сандаче за електронска пошта без дозвола на корисникот?“ или „Дали некогаш сте искористиле нечиј мобилен телефон без дозвола на корисникот?“

Ако врсничкото насилство (булинг) е препознаен проблем, тогаш вие можеби би сакале да се позанимавате со темата на едно подлабоко ниво. Форум театарот е добар начин да се развие разбирање за причините на врсничкото насилство (булинг) и начините за справување со него. Замолете ги луѓето да се поделат во мали групи за да зборуваат за инциденти со врсничкото насилство (булинг) од реалниот живот. Тоа може да биде епизода која ја искусиле или некој, кого го познаваат, а искусил насилство. Секоја група треба да одбере еден пример на кој ќе работи. Учесниците треба да се обидат да ги замислат причините зошто насилникот малтретира, како, всушност, врсничкото насилство (булинг) се случило, што се случило потоа и кои биле последиците. Групите, потоа, треба да ја развијат нивната работа во кратка претстава за да им ја претстават на другите од групата. После изведбите, повторно изведете ја последната сцена „што се случило како последица“ и замолете ја „публиката“ да даде предлози за можните дејства кои жртвата би требало да ги преземе.

Предлози за идни активности Goto top

Направете слоган за кампања против сајбер-насилството. 
Креирајте антисајбер-политика за вашето училиште или клуб, или проверете ја политиката, доколку имате таква.
Можеби ќе сакате да истражувате и други аспекти на насилството преку активноста „Насилство во мојот живот“.

Идеи за акција Goto top

Искористете ги идеите од втората варијација погоре и покажете им ја претставата на другите одделенија/класови, младински групи или родители.
Организирајте јавна дебата за прашањето во вашето училиште или клуб, бидејќи многу наставници и родители не се свесни што се случува.Дознајте дали има локална информативна кампања за ризиците и злоупотребата на информатичко-комуникациската технологија и дознајте како вие можете да придонесете. 

Понатамошни информации Goto top

Сајбер-насилството е користење на електронска пошта, брзо разменување на пораки, соби за конверзација, пејџери, мобилни телефони или други форми на информатичката технологија за намерно вознемирување, заканување или заплашување на некого. Тоа може да вклучи дејства, како што се: 

  • Заканување
  • Испраќање провокативни напади или расни или етнички навреди.
  • Нетрпеливост кон хомосексуалците.
  • Обид да се инфицира со вирус компјутерот на жртвата.
  • Натрупување на сандачето од електронската пошта со бесмислени пораки.
  • Постирање или ширење на грешни информации со цел да се повреди личноста или нејзината репутација.
  • Поканување некого на средба, а потоа повикување на други лица со цел да го напаѓаат или да се шегуваат со него/неа.
  • Лажно претставување и кажување на работите како да ги кажала друга личност за кои тој/таа не верува или пак не се вистинити.
  • Споделување слики од некоја личност, особено во непријатна ситуација, без негова/ нејзина дозвола.
  • Споделување електронска пошта без дозвола на оној/онаа кој/а ја напишал.
  • Притисок врз другите за да исклучат некого/некоја од заедницата (или онлајн или офлајн).
  • Зачестено испраќање на непристојни, злобни и навредливи пораки на некого/некоја.

Сајбер-насилството често го прават деца, но по никоја основа не е ограничено само на деца. Еден од најголемите предизвици во борбата против сајбер-насилството е тоа дека насилникот е анонимен, а тоа предизвикува тешкотија за тој/таа да се открие.
Постојат многу веб-страници на Интернет, во кои е опфатено сајбер-насилството. Искористете Интернет пребарувач да дознаете за локалните иницијативи. Општите информации можат да се најдат на следните веб-страници:
http://www.stopcyberbullying.org/
http://yp.direct.gov.uk/cyberbullying/
http://europa.eu/legislation_summaries

Конвенција за компјутерски криминал на Совет на Европа 
Конвенцијата, која стапи на сила на 1 јули 2004, е првиот меѓународен договор за криминал преку Интернет и други компјутерски мрежи, која се бави посебно со повреда на авторски права, компјутерски измами, детска порнографија и нарушување на мрежната сигурност. Таа содржи и низа овластувања и процедури, како што е пребарувањето по компјутерските мрежи и фаќање на податоци.  Погледнете на http://conventions.coe.int и побарајте го Договорот бр. 185.

Изјави

• Дали некогаш некој го отворил вашето сандаче за електронска пошта без ваша дозвола?
• Дали некогаш некој прочитал некои од вашите СМС пораки без ваша дозвола?
• Дали некогаш некој ви испратил навредливи пораки, непристојни слики или видеа на вашиот телефон или електронска адреса?
• Дали некогаш некој испратил ваши информации/слики/ видеа на некој друг, без ваша дозвола?
• Дали некогаш некој постирал слики или информации за вас на некоја веб-страница или социјална мрежа без ваша дозвола?
• Дали некогаш некој манипулирал/трансформирал некои од вашите слики или видеа без ваша дозвола?
• Дали некогаш некому сте дале лозинка?
• Дали некогаш некој ве навредил во соба за интерактивна игра или при разговор на Интернет?
• Дали некогаш сте добиле вознемирувачки/непристојни телефонски повици?
• Дали некогаш некој направил несоодветни коментари на вашиот блог/социјални мрежи?
• Дали некогаш испратил лажни/непристојни информации/озборувања за вас преку електронска пошта или СМС?
• Дали познавате некого кој е жртва на сајбер-насилство?
• Дали знаете дека има специјални закони за овој вид насилство?
• Дали мислите дека треба да има ограничувања за она што можат луѓето да поставуваат на Интернет?
• Дали е правилно да се забранат мобилни телефони во училиштата?

ПрилозиGoto top

Преземи во PDF