Да едуцираш е да веруваш во промени.

Преглед

Ова е вежба со дискусија во мали групи и пленарно за:
• Што е образование и како тоа ги задоволува или не ги задоволува потребите на човекот
• Учеството во процесите на донесување одлуки.

Поврзани права

• Право на образование, вклучувајќи и право на образование за човекови права
• Слобода на мислење и изразување
• Право да се учествува во владата на својата земја.

Цели

• Да се размислува за образовниот систем и како тој излегува во пресрет на потребите на луѓето
• Да се развијат вештини за соработка и учество во демократското донесување одлуки на училиште и на ниво на клуб
• Да се промовира правда и инклузија.

Материјали

• 4 големи листови хартија или флип-чарт хартија и пенкала за малите групи од 4 луѓе
• Дополнителна хартија, доволна за луѓето да прибележуваат, доколку сакаат.

Подготовка

• Направете копии од прилогот, по еден за секоја мала група.

compass-key-date
  • Една недела, вклучувајќи го и 15 ОктомвриЕвропска недела на локалната демократија

Инструкции

Оваа активност е во два дела: прв дел (35 минути) е дискусија за тоа каков вид образование сакаат луѓето и вториот дел (60 минути) е дискусија за тоа како да се развиваат демократски системи така што младите луѓе ќе имаат можност го искажат своето мислење за образованието кое го добиваат.

Прв дел. Каков вид на образование имаме и какво би сакале да имаме? (35 минути)
1. Започнете со кратка општа дискусија за тоа што подразбираат луѓето под поимот „образование“. Нагласете дека образованието е повеќе од она што се случува во училиштата и факултетите. Издвојте ги разликите помеѓу формалното, информалното и неформалното образование. Учесниците треба да знаат дека стекнувањето образование е човеково право (член 26 од Универзалната декларација за човекови права).
2. Направете бура на идеи за сите позитивни и негативни аспекти на училишниот систем во вашата земја и прибележете ги клучните зборови на флип-чарт.
3. Кратко резимирајте ги клучните зборови и размислете зошто образовниот систем е таков каков што е со референца до некои од наброените точки, на пример, наставната програма, бројот на ученици во одделението/класот, училишните правила во врска со облеката и додатните активности од наставната програма.
4. Замолете ги учесниците да се поделат во мали групи од 4 до 5. Поделете го текстот од член 28 од Конвенцијата за правата на детето (КПД). Дајте им на групите 15 минути да ја оценат вредноста на нивното право на образование. На пример, основното образование - достапно и бесплатно за сите во вашето општество. Ако не е, кој е исклучен и зошто? Кои форми на дисциплина постојат и дали се почитува достоинството на индивидуата? Дали наставната програма го поттикнува развојот на личноста, талентите и способностите? Кој е фокусот, на пример, да се создадат добри граѓани или обучена работна сила? Дали е вклучено образованието за човекови права?
5. Вратете се пленарно и замолете ги учесниците да дадат повратна информација. 

Втор дел. Развивање демократски системи така што луѓето ќе имаат можност го искажат своето мислење. (60 минути)
1. Прашајте ја групата кој ги носи одлуките за видот на образованието кое го добиваат.
2. Замолете ги луѓето да се вратат во нивните мали групи за да резимираат како се носат одлуките во нивното училиште. На пример, кој одлучува што ќе се предава или кои додатни активности ќе бидат организирани? Како училиштето или факултетот се управуваат? Како се донесуваат одлуки за буџетот и за трошењето? Како се развиваат и договараат политиките? Колку младите луѓе имаат право да го искажат сопственото мислење?
3. Кажете им дека не само што имаат право на образование, туку и согласно со член 12 од Конвенцијата за правата на детето „детето има право на изразување на своето мислење за сите прашања кои се однесуваат на детето и на неговото мислење се посветува должно внимание.
4. Замолете ја секоја група да размисли за позитивните и негативните аспекти да се има демократски-избрано тело, како што е ученичкиот совет, за да донесува одлуки за нивното образование на локално ниво.
5. Наредната фаза зависи од околностите во групата. Ако нема совет во вашето училиште, тогаш групите треба да донесат одлука каков совет тие би сакале, што би требало да биде негов домен и како да се да формира. Ако вашето училиште или факултет веќе имаат совет, тогаш нека резимираат како тој работи и да развијат планови за да работи подобро. Објаснете како да направат SWOT анализа и кажете им на групите дека имаат 30 минути да развијат акционен план и да го напишат на голем лист хартија или на флип-чарт хартија.
6. Вратете се пленарно и замолете ги групите да ги презентираат резултатите.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Многу точки ќе се спомнат на различни степени во претходните дискусии. Според тоа, дајте време за резимирање на активноста како целина, за да се рефлектираат општите точки на учење и да се планира што наредно да се прави.

  • Дали луѓето уживаа во активноста? Дали беше корисно? Зошто? Зошто не?
  • Зошто постоечките структури кои донесуваат одлуки се такви какви што се? Кои се историските преседани? Дали структурите ги исполниле нивните функции во минатото? Дали се тие соодветни и сега? Ако не се, зошто?
  • Зошто структурите кои донесуваат одлуки и процедурите треба редовно да се резимираат?
  • Како се споредувале акционите планови на различните групи?
  • Колку чинат тие во услови на време, напор и пари?
  • Колку беа тие реалистични? (Забелешка: добро е да се имаат големи визии, но во исто време, треба да направиш еден чекор кон целта!)
  • „Детето има право на изразување на своето мислење за сите прашања кои се однесуваат на детето и на неговото мислење се посветува должно внимание.“ Дали е ова реалистично барање во врска со националната образовна наставна програма? Како би можеле младите луѓе да придонесат?
  • До кој степен член 12 се почитува во училницата? Колку време би требало да се посветува за да може „да се искаже сопственото мислење“?
  • Некои групи, на пример Ромите, често сметаат дека нивното право на образование е нарушено. Зошто е тоа така и како би можело пристапот да биде полесен?
  • Како се предава образованието за човекови права во вашето училиште? Дали учите за човекови права и различни конвенции? Дали имате можност да бидете вклучени во проекти за промовирање на човековите права во вашето училиште и заедницата?

Совети за обучувачитеGoto top

Оваа активност е напишана со референца за училиштата и факултетите со напомена на „советите во училиштата или факултетите“. Ова не треба да одвраќа никого кој работи во неформални рамки; активноста е исто значајна за младите луѓе во младинските клубови и здруженија кои почесто имаат одбори отколку совети, како нивно управно тело. Само соодветно прилагодете ги условите кои го користите.
Запознајте ги членовите 12 и 28 од Конвенцијата за правата на детето. Ако работите со млади возрасни, над 18 години, тогаш повикајте се на правото на образование во Декларацијата за човекови права при ОН (член 26).
Општи информации за образованието и човековите права има и во делот за „Образование“ на www.coe.int/compass. Белешки за разликите помеѓу формалното, неформалното и информалното образование можат да се најдат на страница 31. SWOT анализата е опишана и објаснета во „Преземање акции“.

Зошто е потребен училиштен совет?

Училишниот/студентскиот совет има за цел да им даде глас на учениците/студентите во училишните прашања кои директно ги засегаат. Има многу добри причини за воспоставување на училишни совети и за овозможување на нивно ефективно работење. Истите аргументи се применуваат и кај одборите или комитетот за управување со младинските организации.

Корист насочена кон ученикот

Учеството во училишниот совет го промовира образовниот или личниот развој на учениците, бидејќи:

  • Советите промовираат учење за граѓанството, политичка ефикасност и демократски ставови
  • Советите промовираат општествена доверба и лични вредности
  • Учениците/студентите се зајакнуваат при предизвикувањето на авторитетите
  • Учениците/студентите учат како да донесуваат одлуки на еден праведен и одговорен начин
  • Учениците/студентите учат за реалноста на животот, на пример, како да се работи со ограничен буџет или со власти кои не реагираат.
Прагматски придобивки
  • Демократските стилови на управување подобро функционираат отколку автократските, бидејќи тие се поефективни и ги охрабруваат учениците да преземат одговорност
  • Советите поттикнуваат соработка, ја искористуваат енергијата и ја намалуваат оттуѓеноста
  • Советите можат да ја подобрат атмосферата во училиштето: на наставниците повеќе им се верува; се покажа дека правилата се на праведна основа
  • Кои и да се ограничувањата заради надворешните општествени и политички притисоци, советот е практичен начин, кој ќе им покаже на учениците/студентите добра верба во персоналот и посветеност кон одредени вредности.

Предлози за идни активностиGoto top

Групата и понатаму нека работи на идеите генерирани во оваа активност, користејќи ги советите од делот „Преземање акција“ – „Образование“ во Поглавје 5, со цел да се охрабри да го искажува своето мислење при донесувањето одлуки во нивното училиште, факултет или клуб.

Ако групата уживаше во размислувањето за видовите образование, тие можеби би уживале и во играта „Приказна за два града“, која покренува прашања за тоа во каков вид на град би сакале да живат. Ако учесниците би сакале да дознаат за општите ставови при гласањето, тогаш погледнете ја активноста „Да се гласа или да не се гласа“.

Идеи за акцијаGoto top

Учесниците би можеле да размислат за поврзување и размена на информации со другите училишни совети во нивната област, на национални или меѓународно ниво.

Понатамошни информацииGoto top

Степенот до кој младите луѓе можат да учествуваат во процесите на донесување одлуки зависи од нивната возраст и прашањата за кои треба да се одлучува. Како корисен модел, разгледајте ја скалата на Roger Hart за учество на младите луѓе на www.freechild.org. Повеќе информации за скалата на учество има во делот „Граѓанство и учество“, во Поглавје 5.

Можностите за директно вклучување во процесите на донесување на одлуки растат во многу земји, на пример, партиципативно буџетирање, процес во кој ефектите од вклученоста на луѓето директно се гледаат и во промената на политиката или приоритетните трошоци. Ова не е само вежба за консултација, туку олицетворение на директна, советодавна демократија: http://www.participatorybudgeting.org.uk. Еден пример е Udecide програмата за партиципативно буџетирање во Newcastle (Велика Британија), каде во мај 2008, младите луѓе имаа 20% глас при обезбедувањето средства за Детскиот фонд во износ од 2.250.000 фунти. Признавајќи дека децата и младите луѓе се експерти, проектот имаше цел да им даде можност на тие млади луѓе од градот, кои имаа корист од фондот, да го искажат своето мислење како беше извршено издвојувањето на средствата.

Организациското биро на европските училишни унии (OBESSU) е европска чадор организација на училишни организации. Таа работи со цел да:

  • Ги претставува ставовите на учениците од Европа пред различни образовни институции и платформи
  • Го поддржува и подобрува квалитетот и пристапноста на образованието и образовната демократија во Европа
  • Да ги подобрува условите во средните училишта во Европа за промовирање на поголема солидарност, соработка и разбирање помеѓу учениците
  • Стави крај на дискриминацијата и неправдата, онаму каде што тие постојат, во образовните системи во земјите во Европа.  

Повеќе информации на: www.lightontherights.eu

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Конвенција за правата на детето, член 28:
Детето има право на образование. Државата треба да го прогласи основното образование за задолжително и бесплатно за сите и да го поттикнува развојот на различните форми во средното образование, правејќи ги да бидат достапни за секое дете. Училишната дисциплина треба да се спроведува на начин кој е во согласност со достоинството на детето. Образованието треба да биде насочено кон развој на личноста на детето, талентите и способностите, почитувањето на човековите права и основни слободи, одговорен живот во слободно општество, во духот на мирот, пријателството, разбирањето, толеранцијата и еднаквоста, развивањето почит за природната средина.