Ако не се залагаш за нешто, ќе паднеш заради било што

Малколм Икс

Преглед

Оваа активност го истражува спорот околу градењето на нова џамија во традиционално христијанска област, преку симулација на состанок на градското собрание.

Поврзани права
  • Слобода од дискриминација
  • Слобода на вероисповед и убедување
  • Слобода на мислење и информирање
Цели
  • Да се искусат реални конфликти кои можат да произлезат од потребите на различните заедници
  • Да се истражува правото на слобода на вероисповед и убедување
  • Да се развиваат вештини за дебата и анализа
Материјали
  • Листови хартија за имињата на учесниците
  • Флип-чарт хартија
  • Часовник
  • Малечко ѕвонче за градоначалникот
Подготовка
  • Фотокопирајте ги картичките со улоги, на страница 85, описот на проблемот и правилата за дебатата (по можност)
  • Подгответе ги имињата за различните партии/ групи кои ќе бидат претставени на состанокот
  • Направете листа на различни улоги на големиот лист хартија така што секој ќе може да ги види
  • Бидете сигурни дека имате простор за „состанокот на Советот“ и одделен простор за различните групи, така што тие претходно ќе можат да ја дискутираат нивната позиција или да се среќаваат со другите
compass-key-date
  • 21 СептемвриМеѓународен ден на мирот

Инструкции

1. Прочитајте го описот на проблемот во прилогот на страница 89. Објаснете дека сите учесници се граѓани на Слипивил и сите се засегнати од проблемот за градењето на нова џамија на запуштено општинско земјиште.
2. Покажете им ја листата на различни улоги на учесниците и замолете ги секој да си избере улога за себе. Поделете ги картичките со улоги и описот на проблемот и назначете каде групите претходно можат да се среќаваат и каде подоцна ќе се одржи „состанокот на Советот“.
3. Објаснете ги правилата за дебатата која ќе се користи за време на состанокот. Ова ќе го најдете на страница 89.
4. Објаснете им дека имаат 30 минути пред состанокот, така да луѓето можат да се сретнат со другите граѓани, да го подготват она што сакаат да го кажат и да одлучат како сакаат да гласаат! Кажете им дека состанокот на Градскиот совет ќе трае 40 минути и дека ќе има малку време за говори заради бројот на луѓе, присутни на состанокот. Заради таа причина, тие треба да се обидат да подготват само една или две точки кои сакаат да ги истакнат.
5. Искористете ја подготвителната фаза за да го подготвите просторот за „состанокот на Советот“. Идеално би било луѓето да седат во полукруг или во форма на потковица, со Градоначалникот на чело, во малку подигната позиција. Партиите или групите би требало да седат заедно, а имињата треба да ги наместите на предната страна од масите.
6. После 30 минути, повикајте ги граѓаните на состанок (или замолете го Градоначалникот да го направи тоа). Тој/таа треба да ги потсети луѓето за основните правила на дебатата и да одржи краток говор за да направи вовед во состанокот.
7. На крајот од состанокот, после 40 минути, Градоначалникот треба да повика на гласање. Откако ќе се избројат гласовите, а резултатот ќе биде прогласен, вие треба да најавите крај на активноста и да ги поканите луѓето да ги понесат со себе столовите и да седнат во круг за резимирање

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете го кругот со повратни информации, поздравувајќи ги сите со нивните вистински имиња, или пак со користење на друга техника, дозволувајќи им на учесниците сами да излезат од улогите во симулацијата.
Ова е важно да се направи пред да започне резимирањето. Прашајте ги учесниците што чувствуваат за процесот низ кој штотуку поминаа:
• Дали беше изненаден/а од резултатот при гласањето и дали тоа ти се одрази врз позицијата на ликот кој го играше?
• Колкаво беше твоето влијание (твојата улога) врз резултатот?
• Дали интеракцијата со другите луѓе или групи ќе ти го промени пристапот или твојот став кон проблемот?
• Колку ти беше лесно да се идентификуваш со твојата улога? Зошто да или зошто не?
• Дали мислиш дека ваква ситуација може да се случи и во реалниот живот? Можеш ли да се сетиш на некои слични случаи?
• Како би реагирал/а ако ваков случај се појави во твојот град/место на живеење? Дали активноста ти го промени ставот, воопшто?
• Што подразбираш под слобода на мислата, совест и вероисповед? Дали познаваш некакви случаи во историјата (или денес) кога ова право беше негирано?
• Зошто мислиш дека верската слобода е основно човеково право?
• Што мислиш, до кој степен е ова право се почитува во твојата заедница?

Совети за обучувачотGoto top

За време на подготвителната фаза, можеби би било корисно да проверите дали луѓето го користат времето за да се сретнат со останатите или планираат што да кажат за време на состанокот. Кога ги доделувате улогите, ќе забележите дека улогата на Градоначалникот е многу тешка и дека личноста која ќе ја игра треба да биде самоуверена при водењето на состанокот и ако е потребно, да ги скратува коментарите на луѓето со цел секој да може да зборува. Треба да поминете низ целата задача заедно со учесникот/чката, кој ќе го глуми Градоначалникот, пред самата симулација. Пожелно е, после тоа, да се обидете да го препуштите целосното водење на учесникот, кој го глуми Градоначалникот, за тој/таа да ја почувствува вашата доверба, а и учесниците да ги почитуваат неговите/нејзините одлуки, место да гледаат во вас. Се разбира, доколку се појават некои тешкотии, интервенирајте во текот на симулацијата. Ова треба да се обидете да го направите без да го намалите авторитетот на учесникот/чката која го глуми Градоначалникот.
Ако симулацијата избега од контрола, на пример, ако луѓето залутаат надвор од темата или се измислат нови информации, или ако Советот биде фатен во ќорсокак и не може да постигне договор, истакнете дека ова може да рефлектира резултат и во реалниот живот и не значи дека активноста не успеала. Ова може да се искористи при крајот на резимирањето за да се дискутира тешкотијата за постигнување на договор за прашањата, како што се овие.
За време на разгледувањето многу е важно да се обидете да избегнете повторување на симулацијата. Луѓето треба да се обидат да се одвојат од улигите кои ги играле во активноста за да можат правило да размислуваат за тоа што поминале. Треба да им помогнете да погледнат назад во симулацијата со нивните сопсптвени „капи“, а не на улогите кои ги играле. За да се подготвите за разгледување и евалуација, можеби ќе сакате да ги прочитате основните информации за Религија и вероисповед.

 

ВаријацииGoto top

Во зависнот од концептот на кој работите, посоодветно би било да ја градите активноста околу „Црква во Слипивил“ или „Храм во Слипивил“ и да ја сместите, на пример, во област со доминантно муслиманско население. Или, можеби, вие преферирате некоја друга комбинација. Вие можете да додадете и новинари на активноста со цел да добиете преглед на процесот кој е малку одвоен; сепак за ова треба да се додаде време, ако сакате новинарите да дискутираат со групата (погледни ги предлозите подолу). 

Предлози за следни активностиGoto top

Дискутирајте ги аспектите за слобода од вероисповед и убедување и тензиите кои се појавуваат во вашата земја. Критични инциденти (студии на случај) во вестите можат да се искористат за добар почеток, особено за дискусија во мали групи. Можеби ќе сакате и наредна дискусија со подлабоко истражување за перцепциите на учесниците за религијата и нејзиното влијание врз животите на младите луѓе преку активноста „Верници“.

Ако имате вклучено и новинари, можете да ги искористите нивните анализи за процесот во одделна сесија. Особено би било корисно да се погледне дали има разлики помеѓу извештаите со цел да се покренат прашања за улогата и влијанието на медиумите. Активноста „Насловна страница“, истражува како се формираат или менуваат мислењата, особено од страна на медиумите.

Можете да се фокусирате на развивање вештини за дебата, анализа или убедување со користење на некакви контроверзни или поларизирани изјави, кои произлегуваат за време на резимирањето и водењето на активноста „Избори“, а кои ќе се искористат како основа. 

Идеи за акцијаGoto top

Охрабрете ги учесниците да го разгледаат нивното опкружување и да истражуваат до кој степен им се почитуваат правата на различните верски заедници. Обидете се да договорите состаноци со претставници од некои од овие заедници и овозможете им да зборуваат за тоа дали тие чувствуваат дека нивните права се почитуваат.
Во зависност од контекстот каде вие и учесниците живееете или работите, како и дебатата за тековните прашања во Советот, можеби би било интересно да посетите еден состанок на Советот со цел да бидете вклучени во локалните политички дискусии кои ги се однесуваат на човековите права на сите во заедницата.

Понатамошни информацииGoto top

Правото на вероисповед во Меѓународниот закон за човекови права: Можеби ќе сакате да ги копирате информациите, дадени подолу, за луѓето од Муслиманското здружение од Слипивил и за групата за човекови права на млади жители од Слипивил.

Европска конвенција за човекови права, член 9:
1. Секој има право на слобода на мисла, совест и вероисповед; ова право вклучува слобода за промена на неговата вероисповед или убедување, како и слобода, или самостојно или во заедницата со другите, јавно или приватно, да ја манифестира неговата вероисповед или убедување преку поука, проповеди, верски обреди и ритуали.
2. Слободата да се манифестира религијата или убедувањето на поединецот треба да биде предмет само доколку има ограничувања, предвидени со закон и кои се потребни во едно демократско општество во интерес на јавната безбедност, за заштита на јавниот ред, здравје и морал или за заштита на правата и слободите на другите. 

Универзална декларација за човекови права, член 18:
Секој има право на слобода на мисла, совест и вероисповед; ова право вклучува слобода за промена на неговата вероисповед или убедување, како и слобода, или самостојно или во заедницата со другите, јавно или приватно, да ја манифестира неговата религија или убедување преку поука, проповеди, верски обреди и ритуали...

Конвенција за правата на детето, член 30:
Во оние држави каде што постојат етнички, религиозни или јазични малцинства или лица со домородно потекло, на детето, кое припаѓа на такво малцинство или кое има домородно потекло, не треба да му се ускрати правото, во заедницата со другите членови на неговата/ нејзината група, да ужива во сопствената култура, да се изјаснува и да ја практикува неговата/ нејзината вероисповед или да го користи неговиот/нејзиниот јазик.

Оваа активност е развиена од активноста „Џамија во Слипивил“ во Companion, водич во кампања за образование и учење за промени во Различност, човекови права и учество, издаден од Советот на Европа. Активноста беше инспирирана од Susanne Ulrich. 2000. Achtung(+) Toleranz – Wege demokratischerKonflikt-lösung. Verlag Bertelsmann Stiftung

Иако оваа симулација е фиктивен настан, постојат многу слични спорови кои се однесуваат на градењето на верски објекти за религиозни малцинства низ Европа и пошироко. Во ноември 2009 година, со национален референдум, одобрен е уставен амандман за забрана на идна изградба на минариња во Швајцарија. Резултатот од овој референдум го наруши правото на Муслиманите да ја манифестираат нивната вера јавно, преку богослужба, поуки, проповеди и верски обреди и ритуали, кое е интегрален дел од правото на слобода на мислата, совест и религија. Во продолжение, постои растечки тренд низ бројни европски и други држави кои неодамна ги прифатија законските предлози за забрана за носење на исламски вел (бурка, никаб или хиџаб) во јавност, кое исто така, формира основа за дискриминација врз основа на религија. Член 19 - Глобална кампања за слободно изразување е организација за човекови права која објави правен коментар за забраните за покривање на целото лице и човекови права (www.article19.org). Вие можеби ќе сакате да направите истражување за прашањата со кои сега се соочуваат верските малцинства во Европа.

Листа на учесници на состанокот
Обидете се да одржите баланс за да имате ист број на претставници за секоја политичка партија и ист број во секоја група на граѓани. „Обични граѓани“ можете да имате колку сакате.
• Градоначалник на Слипивил
• Членови на градскиот совет: Треба да се претставени 3 партии. Можете да имате 1 или 2 луѓе во секоја партија
• „Групата за човекови права на млади жители од Слипивил!“: 2 или 4 претставника
• Здружение „Минато и сегашност“: 2 или 4 претставника
• „Муслиманско здружение од Слипивил“: 2 или 4 претставника
• Обични граѓани: колку што е потребно
• По избор: 1 или 2 новинари кои ќе известуваат од состанокот

Правила на дебатата
Можеби ќе сакате да ги промените овие правила согласно со големината на вашата група и времето кое го имате.
• Состанокот ќе го води градоначалникот и неговата/нејзината одлука за сите работи е конечна.
• Ако сакаш да зборуваш, крени рака и добиј дозвола од градоначалникот.
• Коментарите треба да се кратки и не подолги од 2 минути.
• Состанокот ќе заврши после 40 минути, со гласање дали треба да се изгради или да не се изгради џамијата.
• Секој кој е присутен на состанокот е повикан да зборува на дебатата и да гласа на крајот.

Картички со улогиGoto top

PDFПрилози

Џамија во Слипивил (за сите учесници)

Ти живееш во живописниот град Слипивил, град со околу 80,000 луѓе. Во последните години, населението радикално се промени, делумно бидејќи младите луѓе најчесто се обидуваат да се преселат во поголемите градови каде што можностите за работа се подобри, но исто така, бидејќи во регионот дојдоа голем број имигрантски семејства, повеќето од муслиманските земји. Некои од овие семејства биле тука 3 генерации, но тие сé уште се третираат со сомнеж како „новодојдени“ од страна на многу луѓе во градот. Денес тие изнесуваат 15% од целокупното население.
Прашањето, кое сега го подели градот, е желбата на муслиманите од Слипивил да имаат џамија, изградена на парче запуштено општинско земјиште кое му припаѓа на Советот. Оваа земјиште со години стои необработено и со години е извор на поплаки до Советот: блиску е до главната улица за пазарување, која е област каде вандализмот и користењето дроги се редовен проблем. 
Кога еден богат бизнисмен се понуди да го преземе проблемот од Советот, Градоначалникот помисли дека неговиот/нејзиниот среќен ден дојде! Советот подготвено се согласи да се откаже од земјиштето и да финансира 20% од трошоците за конструкција на нова џамија на местото. Останатите 10% од градежните трошоци, кои бизнисменот нема да ги покрие, ќе бидат финансирани од припадниците на муслиманската заедница. Градењето беше планирано да започне оваа недела... но, Советот беше преплавен од поплаки од налутени граѓани кои беа против објектот. Тие свикаа специјален состанок, на кој сите беа повикани, за да го решат ова прашање. Состанокот ќе трае 30 минути.

Картичка со улога: Градоначалникот на Слипивил 
Ти си претседател на собранието и тоа ќе биде твојата улога. Штом почне состанокот, им посакуваш добредојде на учесниците и ги потсетуваш на правилата за дебатата. За време на состанокот, треба да се обидеш да им дозволиш да зборуваат сите – и не треба да дозволиш некој да зборува премногу долго! Ти си многу загрижен/а за лошиот публицитет кој го привлече овој случај и планираш да се обидеш, пред состанокот, да зборуваш со некои од групите и да се обидеш да ги убедиш да ја омекнат нивната позиција

Картичка со улога: Член на градскиот совет: Традиционална партија (1 или 2 луѓе)
Вие ја претставувате Традиционалната партија на Градскиот совет и вие сте многу против џамијата. Вие не мислите дека е во ред општинското земјиште и општинските ресурси да се трошат за верски објект кој не ги почитува традициите на оваа земја и овој град. Вие чувствувате дека имигрантските семејства се привилегирани со тоа што им е дозволено да живеат овде и тие не треба да се обидуваат да ги менуваат различните животни стилови во земјата, во која се гости. Исто така, вие сте загрижени дека џамијата би можела да биде место за средба и регрутирање на терористи.

Картичка со улога: Член на градскиот совет: Популистичка партија (1 или 2 луѓе)
Вие ја претставувате Популистичката партија на Градскиот совет. Вие ја поддржувате оригиналната одлука за изградба на џамија, делумно и заради тоа што сте сфатиле дека муслиманската заедница е добра за економијата на градот и вие не сакате да ги оттуѓувате. Но, вие сте многу загрижени заради поплаките од граѓаните и не сакате да креирате непотребен конфликт во заедницата. Вие, исто така, сте загрижени за вашето место во идните избори во Советот, па така вие, најверојатно, би ја поддржале најмалку контроверзната опција.

Картичка со улога: Член на градскиот совет: Разновидна партија (1 или 2 луѓе)
Вие ја претставувате Разновидната партија на Градскиот совет. Вие верувате дека релативно голем број луѓе од различни делови на светот придонесуваат за културата и интересите на Слипивил и чувствувате дека е неправедно градот да им ја ускратува можноста на овие луѓе да ја практикуваат нивната религија долго време. Вие, исто, можете да видите дека запуштеното земјиште предизвикува социјални проблеми во градот и дека во моментот, Советот нема пари сам да го развие.

Картичка со улога: Членови на Здружението „Минато и сегашност“ од Слипивил (2 или 4 луѓе)
Вие сте една од главните групи кои се против џамијата. Вашите членови се од традиционални (немуслимански) заедници во Слипивил и вие мислите дека е многу важно да се задржи древниот карактер на градот, каде што повеќето од вас живеете цел живот. Местото, кое е предложено за џамија, е централно и е видливо од повеќе места во центарот на градот.
Особено, џамијата може да го блокира погледот врз главната црква од градскиот плоштад. Вие чувствувате дека карактерот на вашиот роден град комплетно се променил заради заедницата која пристигнала тука неодамна. Не гледате зошто луѓето кои пристигнале во оваа земја, од некое друго место, не ги прифаќаат истите правила кои вие овде ги имате.

Картичка со улога: Членови на Младинската акциска група „Млади граѓани од Слипивил за човекови права“ (2 или 4 луѓе)
Вашата група е формирана за да се решат некои од најлошите проблеми на младите луѓе од Слипивил денес. Вие го гледате градењето на џамијата како решение и за потребите на муслиманската заедница за верски објект, како и решение на бројни социјални проблеми кои се резултат од запуштеноста на земјиштето веќе подолго време. Вие го поддржувате градењето на оваа џамија, но вие сте загрижени дека други социјални проблеми би можеле да се запостават од страна на Советот, ако треба да придонесе во изградбата. Посебно, буџетот за млади, во последните 5 години, бил сведен на ниво кое не може да ги исполни потребите на младите луѓе во градот. 

Картичка со улога: Членови на „Муслиманското здружение на Слипивил“ (2 или 4 луѓе)
Со години барате од Советот да ви се обезбеди место за верски објект, но секогаш бевте одбивани врз основа на финансии. Вие чувствувате дека е неправедно да се бараат 10% за трошоците за градење од муслиманската заедница, во време на тешки економски услови за многу луѓе и кога христијанската заедница има 11 различни места за богослужба и тие се користат од далеку помалку луѓе од оние кои би ја користеле џамијата. Вие чувствувате дека придонесот кој го дава вашата заедница за градот не се цени, вашите луѓе се неправедно дискриминирани во различни аспекти од нивниот живот и дека со одбивањето на дозволата за градење на џамијата, Советот ги негира и членовите на вашата заедница и нивното основно право на верски објект и богослужба.

Картичка со улога: Граѓани на Слипивил
Вие сте загрижени за конфликтот кој го обзема градот Слипивил и вие сакате да одите на состанок со Градскиот совет со цел да гласате. Во моментот, вие не знаете како ќе гласате: треба да зборувате со, колку што е можно повеќе, различни групи и потоа планирате да одлучите