И оние кои не се уметници, исто така, имаат права!

  • compass-theme compass-general-human-rights compass-general-human-rights
  • compass-complexity level1 level1
  • compass-group-size 8+ (мали групи 4-5) 8+ (мали групи 4-5)
  • compass-time 45 минути 45 минути
Преглед

Оваа е тимска игра во која луѓето треба креативно да цртаат за да претстават некој збор поврзан со човековите права.

Поврзани права

• Слобода за мислење и изразување
• Слобода на мислата
• Еднаквост во достоинство и права

Цели

• Да се развие знаење за Универзалната декларација за човекови права
• Да се развиваат вештини за комуницирање и креативно размислување
• Да се промовира солидарноста и да се почитува разновидноста

Материјали

• Ѕиден приказ на кој ќе бидат напишани членовите од Универзалната декларација за човекови права
• Голем лист хартија или флип-чарт хартија и фломастер за запишување на резултатот
• Листови хартија (А4 големина) и моливи за групните цртежи, по еден лист за секој тим, за секој круг од играта
• Селотејп/леплива лента или патенти за прикачување на цртежите.

Подготовка

• Скратената верзија на Универзалната декларација за човекови права, во Додатоците, ископирајте ја на голем лист хартија.
• Направете за себе листа за проверка на правата

compass-key-date
  • 10 ДекемвриДенот на човековите права

Инструкции

1. Замолете ги учесниците да се поделат во мали групи од четири до пет луѓе и да одберат име за нивната група/тим.
2. Објаснете дека во оваа активност тие ќе се натпреваруваат во тимови. Вие, на еден припадник од тимот, ќе му дадете еден член од Универзалната декларација за да го нацрта. Останатите во тимот треба да погодуваат за кое право се работи. Тимот кој прв ќе погоди, освојува поен. Тимот со најмногу поени, на крајот, победува.
3. Кажете им на тимовите да земат по неколку листови хартија и молив, да си најдат место во просторијата и да седнат. Тимовите треба да се разделени едни од други за да не можат да се слушаат.
4. Повикајте по еден припадник од секој тим. Дајте им едно од правата од вашата листа, на пример, „слобода од мачење“.
5. Кажете им да се вратат во нивните групи и да направат цртеж кој ќе го претставува правото, додека останатите од тимот ќе се обидуваат да погодат што е. Тие можат да цртаат само слики; не смеат да се користат броеви или зборови. Не е дозволено зборување, освен кога се потврдува точниот одговор.
6. Останатите од тимот можат само да ги изговорат нивните погодувања; тие не смеат да прашуваат прашања.
7. После секој круг, замолете ги цртачите да напишат на нивната слика кое право беше, без разлика дали завршиле или не, а потоа листот да го стават настрана.
8. Направете втор круг; повикајте нови луѓе за цртање и дајте им и нив ново право. Направете 7 или 8 кругови. Различна личност треба да црта во секој круг. Обидете се да им дадете можност на сите да цртаат барем еднаш.
9. На крајот, замолете ги групите да ги прикачат нивните слики така што различни интерпретации и слики за различни права ќе можат да се споредуваат и дискутираат.

Резимирање и оценувањеGoto top

Започнете со резимирање на активноста и потоа продолжете со разговор за тоа што знаат луѓето за човековите права.
• Дали беше полесно или потешко, од очекуваното, да се нацртаат човековите права?
• Како луѓето одбираа да нацртаат одредено право? Од каде ги добиваа претставите?
• Ако тие цртаат прекршувања, за да ги илустрираат правата, дали таквото прекршување се случува и во нивната земја?
• Како различните цртежи на правото се споредуваат? Колку различни начини имаше при цртањето и интерпретирањето на истиот концепт?
• Отако сите цртежи беа разгледани, прашајте колку, малку или многу, учесниците открија дека знаат за човековите права.
• Дали тие мислат дека човековите права имаат значење за нивните животи? Кои права?

Совети за обучувачитеGoto top

Пред да ја направите оваа активост треба да ја прочитате Универзалната декларација за човекови права (УДЧП), погледнете во Додатоците, и да знаете што се подразбира под човекови права; на пример, дека тие се меѓународно загарантирани, правно заштитени, тие се фокусираат на човековото достоинство, тие ги заштитуваат и поединците и групите, тие не можат да бидат одземени, тие се еднакви, меѓусебно зависни и универзални.

Вие треба да одлучите како ќе го употребите ѕидниот приказ. Ако учесниците имаат малку знаење за Универзалната декларација, приказот можете да го искористите пред да започнете со активноста, така што учесниците ќе имаат поим за она што треба да го погодуваат! Ако учесниците имаат повеќе знаење, тогаш приказот употребете го на крајот за да ја стимулирате дискусијата за правата кои не беа нацртани.

Имајте во предвид дека луѓето, кои се сметаат себеси за слаби уметници, можат да помислат дека ова ќе биде премногу тешко за нив. Разубедете ги дека вие не барате уметнички дела и охрабрете ги сите да се обидат. Тие можат да бидат изненадени!

Употребете ја скратената верзија на Универзалната декларација за човекови права, за да ги најдете правата за цртање. Некои предлози се: право на живот, слобода од мачење, право на праведно судење, слобода од дискриминација, право на приватност, право на образование, слобода од ропство, слободно здружување, слободно изразување, право на државјанство, слобода на мисла и вероисповед, право на глас, право на работа, право на здравствена заштита, право на сопственост, право на брак и семејство и право да се одбере партнер за брак.

ВаријацииGoto top

Ако имате мала група од помалку од 8 луѓе, можете да играте како една група; замолете една личност да црта во првиот круг и кој ќе погоди црта во вториот круг и така со ред.

Наместо со цртање, активноста може да се изведе со пантомима на избраните права.

Предлози за идни активностиGoto top

Активноста „Моќ на цвеќето“, исто користи цртежи за да истражува од каде доаѓа концептот на човековите права.
Ако групата ужива во креативноста, ним може да им се допадне и активноста „Да одглумиме“, во која луѓето користат пантомима за да го пренесат општиот концепт на човековите права.
Групата можеби ќе сака да продолжи да истражува некои права поврзани со одредена група, на пример, правата на луѓето со попреченост, користејќи ја активноста „Видете ја способноста!“.

Goto top