Back Комитетот за превенција на тортура (КПТ) на Советот на Европа и ЦЕБ одржаа разговори на високо ниво, за затворските реформи во Република Северна Македонија

Комитетот  за превенција на тортура (КПТ) на Советот на Европа и ЦЕБ одржаа разговори на високо ниво, за затворските реформи во Република Северна Македонија

Претседателот на Европскиот комитет за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Алан Мичел, и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томас Бочек, се сретнаа со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за да разменат мислења за затворските реформи.

Тие апелираа до владините претставници да ги остварат своите преземени обврски за развивање професионална затворска служба, во согласност со Препораките на КПТ .

Во разговорите со премиерот Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за правда Никола Тупанчевски, делегацијата на КПТ и ЦЕБ повторно ја истакна потребата да се воспостават јасни линии на отчетност и делотворен менаџерски надзор во затворската служба.

Членовите на делегацијата ја нагласија важноста на подобрувањето на условите во кои престојуваат лицата во затворите Идризово и Скопје.

„Затворите се комплексни институции кои бараат професионални менаџери и вработени кои ќе ги водат“, рече претседателот на КПТ, Алан Мичел. „Со цел ефективно да се спречи злоставувањето и лошото постапување, Северна Македонија има должност да обезбеди сите лица во затвор да имаат достоинствен третман и пристојни услови за живот.”

Вицегувернерот Томас Бочек го покрена прашањето на ефективното спроведување на договорот за заем меѓу ЦЕБ и Владата на Северна Македонија, за реконструкција на КПУ Идризово, вклучувајќи и изградба на објект за истражен затвор. „Ги охрабривме властите на Северна Македонија да се зафатат со преостанатите незатворени прашања во врска со казнено-поправните институции, особено затворот Идризово“, рече тој. „Би сакал одново да ја нагласам заинтересираноста на ЦЕБ да ја поддржи Северна Македонија во справувањето со развојните предизвици, преку социјални и делотворни проекти.”

Се одржаа консултации и со амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, околу важноста на затворските реформи како склучен аспект на правосудниот систем.

Претседателот на КПТ и вицегувернерот на ЦЕБ беа придружувани од Хју Четвинд и Кристијан Лода од секретаријатот на КПТ, и од Сонај Канбер од ЦЕБ.

18/05/2022
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page