Image: Theme 'War and Terrorism' by Pancho

Се додека основните човекови права се еднакво загарантирани за сите, без оглед на раса Не војна До тој ден сонот за траен мир, светско граѓанство Правило на меѓународниот морал ќе останат ништо повеќе од само лебдечка илузија по која се трага, но никогаш не e постигната Сега секаде е војна, војна.
Боб Марли1

Сите членки ќе се воздржат во своите меѓународни односи од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава, или кој било друг начин што не е во согласност со целите на Обединетите нации
Член 2(4) од Повелбата на ООН

Војна, тероризам и човекови права

Актите на војна или тероризам ја доведуваат во прашање рамката за човекови права до степен што се чини дека ќе се сруши. Тешко е да се види дека постои било какво место за човекови права кога намерно се цели на човечкиот живот, или кога се гледа како „колатерална штета“ во текот на кампањи за масовни бомбардирања, кои директно или индиректно водат кон разболување, болест, страдање, уништување на домови и смрт. Во време на војна, особено војни што траат непрекинато со години, се чини дека секое човеково право е загрозено. Здравствените системи се распаѓаат, образованието страда, и домот, работата, снабдувањето со храна и вода, правениот систем, слободата на печатот и слободниот говор и одговорноста за злоупотреби од страна на државата - или од страна на „непријателската“ држава - сите имаат ограничувања, ако не се дури и целосно исчезнати. Како и да е, колку и да била слаба заштита за време на мир на правата на децата, жените, малцинските групи и бегалците, сигурно за време на војна ќе бидат уште полоши.

Заштитата што ја нудат конвенциите за човекови права не престанува во случај на вооружен судир2.
Меѓународен суд на правдата

Војната и тероризмот се навистина распад на човечноста, акти што се чини дека ги поткопуваат и ги оддалечуваат вредностите кои се во средиштето на човековите права - и правниот систем кој ги штити. Како и да е, дури и среде таквиот удар, човековите права продолжуваат да функционираат, иако во ослабена состојба и иако не можат да ги поправат сите зла, тие можат да обезбедат минимална заштита и надеж за правда.

Војните и националните вонредни состојби им овозможуваат на државите да „отстапат“ од - или привремено да ги остават настрана - некои од нивните обврски за човекови права. Сепак, одредени човекови права, како што е правото на живот или правото да бидат слободени од тортура, нехумано и понижувачко постапување никогаш не можат да се стават настрана. Овие се сметаат за толку важни и толку фундаментални што треба да се следат дури и кога безбедноста на една држава е во опасност.

Пресудата на Европскиот суд за човекови права во 20113 (Ал Скеини и други против Велика Британија) утврдила дека Велика Британија го кршeла член 2 од Европската конвенција за човекови права, обезбедување на право на живот, во нејзиниот третман на голем број цивили при извршување на безбедносните операции во Басра, Ирак. Овој случај беше прв од ваков вид утврдувајќи дека Европската конвенција се применувала во време на војна, на странски територии и во целиот регион за кој потписникот на Конвенцијата имал ефикасна контрола. Други случаи откриле дека во третманот на затворениците во логорите имало тортура.

Кога војната е војна?

На многу начини, војната и тероризмот се многу слични. И двете вклучуваат акти на екстремно насилство, обете се мотивирани од политички, идеолошки или стратешки цели и обете се нанесени од една група на поединци против друга. Последиците од секоја од нив се страшни за населението - без оглед дали биле наменети за тоа или не. Војната има тенденција да биде пошироко распространета, а уништувањето е поверојатно дека ќе биде погубно, затоа што војната честопати ја водат држави со армии и огромни арсенали на оружје што им стојат на располагање. Терористичките групи ретко имаат професионални или финансиски ресурси што ги поседуваат државите.

Натрана од користените методи и обемот на насилството, сепак, војната и тероризмот, различно се гледаат со меѓународното право. Разликите не се секогаш јасни, па дури и експертите може да не се согласуваат за тоа дали насилната кампања се смета за тероризам, граѓанска војна, бунт, самоодбрана, легитимно само-определување или нешто друго.

Прашање: Во 20 век, Чеченците, Абхазијците, Курдите, Палестинците и Ирските националисти, сите се сметаа себеси дека се борат против колонизирачката нација. Државите отсекогаш ги сметале дејствијата на таквите групи како тероризам. Како можеме да одлучиме кој е правиниот термин?

Проблеми во дефинирање на војната

Војните понекогаш се дефинираат со фактот дека тие се водат помеѓу национални држави: но каде тоа ја става граѓанската војна, или таканаречената „Војна против тероризмот“? Понекогаш официјалната објава за војна се зема како дефинирање на акт на војна, но тоа ги исклучува кампањите на бомбардирање од ниско ниво, што се одвиваат во текот на повеќе години, како што се нападите на Соединетите држави на границите на Пакистан или во зоните на забрана за летање прогласени врз Ирак во 1990-тите.

Не можете повеќе да победите во војна отколку што можете да победите земјотрес.
Жљнет Ранки4

Дали дефиницијата за војна треба да вклучува економски или трговски војни, каде и двете може да бидат енормно деструктивни во однос на животот на човекот? Дали санкциите се форма на војна? УНИЦЕФ проценил дека санкциите над Ирак во 1990-тите доведоа до смрт на повеќе од половина милион деца (и многу возрасни).

Прашање: Карл Фон Клаусeвиц, пруски воен генерал, ја дефинираше војната на следниов начин: „Така, војната е акт на сила да го принудиме нашиот непријател да ја изврши нашата волја“. Дали вие се согласувате со ова како дефиниција?

Што е тероризам?

Тероризмот е заплашување со цел: теророт треба да предизвика другите да прават работи кои инаку не би ги правиле.
Игор Приморац

Тероризмот е уште еден од оние термини што се чини дека сите се подготвени да го користат, но никој не може да се согласи за точната дефиниција. Дури и експертите продолжуваат да расправаат за начинот на кој овој термин треба да се употреби и се вели дека има над стотици различни дефиниции за тероризам, од кои ниту една не е универзално прифатена.

Овој недостаток на договор има многу практични последици: да земеме само еден пример, ООН не беа во можност да усвојат конвенција против тероризмот и покрај тоа што се обидуваат да го сторат тоа повеќе од 60 години, затоа што земјите-членки не можат да се согласат за тоа како да го дефинираат терминот. Генералното собрание на ООН во неговите изјави за тероризам има тенденција да го користи следново:

„Кривични дела наменети или пресметани за да предизвикаат состојба на терор во пошироката јавност, група на лица или одредени лица за политички цели се во било која ситуација неоправдани, без оглед на размислувањата на политичка, филозофска, идеолошка, расна, етничка, верска или било која друга природа што може да се повика за да ги оправда."5

Древни терористи
Трите најпознати „терористички“ групи што постоеле пред 18 век биле религиозно инспирирани (и сите имале имиња кои преминале во англискиот јазик како зборови поврзани со нивните дела: фанатиците се познати како ревносни, атентаторите се убијци, а насилниците се насилни или брутални лица).

  •  Сикариите, инаку познати како Зелоти, биле еврејско движење во 1 век, кои се обиделе да ги избркаат Римјаните од Палестина. Тие користеле немилосрдни методи, вклучително и мешање во толпата на јавни собири и прободување на жртвата пред да исчезнат во толпата.
  • Асасианите биле средновековна Шиитска муслиманска секта која имала за цел да го прочисти исламот и се насочувала на истакнати верски водачи, користејќи слични методи со Сикариите за да добијат публицитет.
  • Туги биле индиска група која понекогаш се класифицирала како култ или секта, која оперирала во текот на околу 600 години, брутално убивајќи патници со задушување, и според многу специфични правила. Тие се најдолготрајна таква група и биле елиминирани во 19 век во голема мера како резултат на регрутирање на информатори внатре од групата.

Прашање: Дали заканата за употреба на нуклеарна бомба треба да се класификува како тероризам?

Тероризам: класификација

Некои од следниве критериуми се сметаа за важни при одлучувањето дали некој чин е „тероризам“. Бидете свесни дека не сите експертите се согласуваат!

  • Делото (чинот) е политички инспирирано.

Актот на тероризам вообичаено има крајна цел што е „поголема“ и повеќе стратегиска отколку ефектот непосредно после делото. На пример, напад со бомба врз цивили има за цел промена на јавното мислење со цел да се изврши притисок врз владата.

  • Делото мора да вклучува насилство или закана од насилство.

Некои мислат дека и само заканата за насилство, ако навистина се поверува, може да биде чин на тероризам, затоа што предизвикува страв кај оние кон кои е насочена и може да се искористи за политички цели.

Акт на тероризам = мир еднаков на воен криминал
А.П. Шмид, во извештајот од 1991 г.до огранокот за криминал на ООН

  • Актот на тероризам е дизајниран да има силно психолошко влијание. 

За терористичките акти честопати се вели дека се произволни или случајни по природа, но всушност групите имаат тенденција да ги одберат целите внимателно за да испровоцираат максимална реакција, и исто така, каде е можно, да удрат врз симболите на режимот.

  • Тероризмот е чин на суб-државни групи, а не на држави.

Ова веројатно е намногу распространетата разлика помеѓу набудувачите и експертите. Националните држави имаат тенденција да го користат ова како суштина на терористичкиот чин, но ако ги ограничиме терористичките акти на суб-државните групи, тогаш веќе сме решиле дека насилниот чин извршен од една држава не може да биде тероризам, и колку да е страшен!

  • Тероризмот вклучува намерно таргетирање на цивили.

Овој критериум е спорен и од многу експерти, бидејќи ја исклучува можноста за напади врз воен персонал или други државни службеници, како што се политичари или полицијата, да се класифицираат како терористички напади.

Прашање: Можете ли да го дефинирате тероризмот? Како би ги разграничиле актите на тероризам од другите форми на насилство?

Дали државите можат да извршат тероризам?

Убеден сум дека најдобрата - единствената - стратегија да се изолира и порази тероризмот е почитување на човековите права, негување на социјална правда, зајакнување на демократијата и почитувањето на приматот на владеење на правото.
Серџо Виера де Мело

Зборот тероризам за прв пат се користи за да се опише „Режимот на тероризам“ (the Reign of Terror) во Франција во последната деценија на 18 век, а особено периодот од 1793-1794 година под Максимилиан Робеспјер. Овие години се карактеризира со употреба на насилни методи на репресија, вклучително и масовни егзекуции одобрени од Револуционерниот Суд, суд основан за да им суди на политичките прекршители. Особено кон крајот на оваа ера, луѓето честопати беа осудувани само врз основа на сомневање и без никаква намера за фер судење.
Сето од ова погоре, доведе до општа атмосфера на страв: состојба во која луѓето не можеле повеќе да се чувствуваат сигурни заради заканата од произволно насилство. Од таквите почетоци, концептот на тероризам влезе во вокабуларот.

Во текот на 19 век, терминот тероризам започна повеќе да се поврзува со групи кои работат во една држава за да ја соборат, а помалку со системи на државен терор. Револуционерните групи низ цела Европа честопати прибегнуваа кон насилство со цел да ги соборат владетелите или државните структури кои тие ги сметале за репресивни или неправедни. Најомилента техника генерално била атентатот и меѓу „успесите“ беа атентат врз Руски цар, Француски претседател, австро-унгарска царица и италијански крал.

20-тиот век, најстрашен во однос на бројот на жртвите и можеби во однос на суровоста и нечовечноста на методите, ги гледа обете и владите и суб-државните групи да се свртуваат кон насилство за остварувањето на своите цели. Актерите и иницијаторите во оваа серија на ужасни драми вклучуваше државни службеници, како и суб-државни групи. Сепак, до крајот на векот, тоа беше скоро исклучиво второто, кои беа наречени терористички групи. Суб-државните групи честопати се вооружени, финансирани па дури и обучени од други држави: дали тоа ги прави државите што ги подготвуваат и поддржуваат овие групи терористички држави?

Прашање: Дали мислите дека државните активности треба да бидат наречени „терористички“ дејствија доколку тие предизвикаат терор кај населението?

Употреба на сила во меѓународното право

Во војна, прва жртва е вистината.
Есхил

Меѓународното право опфаќа голем број на различни случаи што вклучуваат употреба на сила од страна на државите. Понекогаш – како во цитатот од почетокот на поглавјето - законот важи за случаи кога една држава користи или се заканува со сила против друга држава. Таквите случаи обично се класифицираат како војни и се регулирани со Повелбата на ООН и Советот за безбедност. Понекогаш законот се применува за начинот на кој била употребена силата во текот на војната - без оглед дали е легален или нелегален. Ова генерално е областа на меѓународното хуманитарно право. И во тек дедека се води војна, сепак, законот за човекови права продолжува да функционира, иако за одредени права, ограничувањата од страна на државата може да бидат повеќе дозволени отколку што би биле во мирно време.

Војна во меѓународното право

Повелбата на ООН, Договор Келог-Брајанд

Високите договорни страни свечено изјавуваат во името на нивните народи дека го осудуваат прибегнувањето кон војна за решавање на меѓународните контроверзи и се откажуваат од неа, како инструмент на национална политика во нивните односи едни со други.
Од Пактот Келог-Брајанд
(исто така познат како Општ договор за откажување од војна, или Пакт од Париз)

Како најграндиозен акт во серијата на напори за зачувување на мирот после Првата светска војна, Пактот Келог-Брајанд беше потпишан од 15 држави во 1928 година, а подоцна и од 47 други. Иако Договорот не ги спречи подоцнежните воени дејствија меѓу потписниците, ниту избувнувањето на Втората светска војна, тој беше важен затоа што воспостави основа за идејата за „злосторства против мирот“ и со тоа играше централна улога во Нирнбершките судски процеси. Според начелата на Нирнберг (Nürnberg),6 злосторствата против мирот вклучуваат „планирање, подготовка, иницирање или водење војни на агресија или војна за кршење на меѓународните договори“.

Свечената одрекување од војната како инструмент на националната политика неопходно вклучува и предлог дека таквата војна е нелегална во меѓународното право; и дека оние што планираат и водат таква војна [...] со тоа прават кривично дело.
Од пресудата на Нирнберг

По Судскиот процес во Нирнберг, Повелбата на Обединетите нации стана клучен меѓународен договор со кој се уредува употребата на сила на земјите-членки на едни против други. Повелбата не забранува војната во целост: дозволува, во одредени цврсто дефинирани околности, државите да се вклучат во војна таму каде што тоа е неопходно за нивна одбрана. Сепак, дури и ваквите војни за самоодбрана, мора да бидат одобрени од Советот за безбедност на ООН, освен во ретки случаи кога е неопходно итно дејствување и нема доволно време да се состане Советот за безбедност.

Одговорност за заштита (R2P- responsibility to protect)

Во последниве години, некои земји се залагаа за идејата дека таму каде што луѓето страдаат од сериозни злоупотреби од рацете на државата - на пример, се заканува геноцид - ООН треба да имаат моќ и обврска да преземат чекор за да го заштитат народот . Ова ја вклучува можноста за воена акција против одговорната држава. Геноцидот во Руанда, каде меѓународната заедница не успеа да интервенира, ја предизвика дебатата. Војната во Косово се сметаше како еден од првите примери на „хуманитарна интервенција“ со воени средства и во 2011 година. Воената интервенција на НАТО во Либија беше заснована на сличен принцип.

Геноцидот е чин „извршен со намера да уништи, во целост или делумно, национална, етничка, расна или верска група“.
Конвенција за спречување и казнување на кривично дело геноцид (1948)7

Идејата за R2P не е неконтроверзна. Геноцидот како и други вклучени акти се сериозни и ужасни дејства. Сепак, критичарите тврдат дека R2P може да се користи како изговор и некои воени интервенции не се засновале на веројатноста за „масовни злосторства“, туку дека по природа биле повеќе политички. Многу големи ѕверски злосторства се чини не ја поттикнаа R2P, а некои пак од оние каде што се случи интервенција се чинеше помалку сериозни во однос на опасностите со кои се соочуваат луѓето. Дури и Одговорноста за заштита вклучува идеја дека државите кои интервенираат треба да ги истражат сите други можни средства пред да преземат воена акција. Не е секогаш јасно дека таквите патишта биле истражени. Конечно, луѓето се сомневаа дали војната, што е само по себе ужасен и деструктивен чин, е соодветно средство за ставање крај на страдањето. Може ли бомбардирањето на една земја, со сето она што таа повлекува, да биде најдобриот начин за промовирање на мирот и решавање на она што е честопати многу подлабок конфликт меѓу двете страни?    

Прашање: Може ли војната да биде „најдоброто од две зла“?

Законите на војната

Дури и во време на војна, постојат одредени закони кои што наметнуваат ограничувања на дејствијата на завојуваните страни, на пример, во врска со третманот на воените затвореници, таргетирање на цивилното население и медицинската грижа за повредените. „Законите за војување“ главно се регулирани со меѓународното хуманитарно право, инаку познато како Женeвски конвенции.

Првата Женевска конвенција
Првата од Женевските конвенции беше потпишан во 1864 година. Тaa беше создаденa откако Анри Динан , државјанин на Женева, бил сведок на жестоката битка кај Солферино во Италија во 1859 година. Тој бил згрозен од немањето помош за повредените, кои биле оставени да умрат на бојното поле и предложил меѓународен договор кој што ќе признае неутрална агенција за да обезбеди хуманитарна помош во време на војна. Неговите предлози доведоа до она што подоцна стана создавање на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и, исто така, до првата од Женевските конвенции. Конвенцијата донесе одредби за хуман и достоинствен третман на оние што веќе не се вклучени во битката, без оглед на која страна се наоѓале.

Женевските конвенции продолжија да се развиваат се до 1949 година, кога беше усвоена четвртата Женевска конвенција, а претходните три беа ревидирани и проширени. Подоцна беа додадени три протоколи. Овие конвенции беа ратификувани целосно или делумно од страна на 194 земји.
Покрај Женевските конвенции, постојат и други стандарди во меѓународното хуманитарно право, вклучувајќи ги Хашките конвенции и низа на меѓународни договори за оружјето кое може и не може да се користи во војувањето. Во текот на 90-тите години, коалицијата на невладини организации успешно лобираше за меѓународна забрана за производство и употреба на нагазни мини. Договорот од Отава или Конвенцијата за забраната за нагазни мини беше усвоена во 1997 година и оттогаш беше ратификувана од 157 држави ширум светот. Коалицијата продолжува да води кампања за договор со кој се забранува употреба на кластер бомби, кои исто како нагазните мини, оставаат траги за уништување дури и откако војната ќе заврши.

Воени злосторства  

Најсериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право се смета дека се воените злосторства. Воените злосторства се толку сериозни престапи кои се сметаат за кривични дела за кои поединците можат да бидат земени на одговорност.

Воени злосторства

Врз основа на Четвртата Женевска конвенција (1949 година), воените злосторства (во Конвенцијата: „сериозни прекршувања“) вклучуваат:
„Намерно убиство, тортура или нечовечко постапување, вклучително и биолошки експерименти, намерно предизвикување големи страдања или сериозни повреди на телото или здравјето, нелегално депортирање или пренесување или нелегално затворање на заштитено лице, принудувањена заштитено лице да служи во силите на непријателските сили, или намерно одземање на правата на заштитеното лице за правично и редовно судење [...], земање на заложници и големо уништување и присвојување на имот, неоправдано со воена потреба и извршено незаконско и безмилосно.”9

Други дејствија за кои поединците можат да бидат одговорни вклучуваат злосторства против човештвото, масовно убиство и геноцид. Злосторствата против човештвото се сериозни злосторства извршени врз цивилно население, како што се убиства, силување, тортура, поробување и депортација. 

Првите судења на поединци за вакви злосторства беа судските процедури во Нирнберг и Токио на нацистичките и јапонските политички и воени лидери по завршувањето на Втората светска војна. Од тогаш, формирани се голем број ад-хок трибунали, на пример, за да се справат со конфликтите во поранешна Југославија, Руанда, Камбоџа, Либан и Сиера Леоне. Други конфликти, многу од нив подеднакво сериозни, не биле ставени на специјални трибунали, што понекогаш предизвика критики дека одлуката дали да се стори тоа е под влијание на политички фактори.

Меѓународен кривичен трибунал за поранешна Југославија

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) беше основан од страна на ООН да ги гони сериозните злосторства извршени за време на војните во поранешна Југославија и да ги суди нивните сторители. Поголемиот дел од обвинетите се Срби, а ова доведе до обвиненија за пристрасност од некои набудувачи. И Амнести Интернешнл и Хјуман Рајтс Воч го критикуваа МКТЈ за неуспехот да истражат голем број на сериозни обвиненија против силите на НАТО, вклучително и бомбашки напади на српската државна телевизија и железнички мост кога беше очигледно дека биле нападнати цивили. Во извештајот на Амнести за повреда на хуманитарното право е забележано дека „НАТО не успеа да преземе неопходни мерки на претпазливост за да ги минимизира цивилните жртви“ .10

Прашање: Воените трибунали - вклучително и судењата во Нирнберг - понекогаш се сметаат за „правда на победникот“. Дали мислите дека и двете страни во војната треба да се судат според истите принципи?

[Оние кои извезуваат војна треба да го видат паралелниот извоз на гаранции против ѕверварствата на војната.
Судијата Џовани Бонело, од Европскиот суд за човекови права во пресудата за Ал-Скенини и други против Велика Британија11

Меѓународниот кривичен суд  

Втората половина на 20 век сведочеше за движење за формирање постојан суд за справување со најлошите злосторства против човештвото. Во 1998 година беше донесен Римскиот статут, кој обезбеди правна основа за создавање на Меѓународниот кривичен суд (МКС). МКС започна со работа во јули 2002 година и заседава во Хаг во Холандија.
МКС е првиот постојан меѓународен суд и беше формиран за гонење воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и злосторства на агресија. И покрај тоа што Римскиот статут е ратификуван од државите, МКС ги гони поединците кои се одговорни за кривични дела, а не државите. До 1 јануари 2012 година, 119 земји беа држави потписнички на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, вклучувајќи ја скоро цела Европа, но исклучувајќи ги САД, Индија, Кина и Русија. Судот отвори истраги за конфликти во Судан, Кенија, Демократска Република Конго, Уганда, Централноафриканската Република и Либија.

Прашање: Можете ли да се сетите на било кои поединци кои се одговорни за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид или кривично дело агресија што треба да се покренат пред Меѓународниот кривичен суд?

Затоа, да се иницира војна на агресија, не само што е меѓународно злосторство; тој е врховен меѓународен криминал кој се разликува само од другите воени злосторства по тоа што во себе го содржи акумулираното зло на целото.
Роберт Џексон, главен американски обвинител во Нирнберг

Тероризам во меѓународното право

Изготвувањето меѓународно законодавство за справување со тероризмот беше обременето со проблеми, главно заради тешкотиите за постигнување заедничка дефиниција на терминот. Советот на Европа изготви збир на упатства12 за тоа каде може да се постави линијата за да не се нарушат другите меѓународни договори или спогодби.

Упатствата ги содржат следниве клучни точки:

  • Почитување на човековите права и владеење на правото - и забрана на дискриминација.
  • Апсолутна забрана за тортура: „Употребата на тортура или нечовечно или понижувачко постапување или казнување е апсолутно забрането, во сите околности…“
  • Собирањето и обработката на личните податоци мора да бидат легални и пропорционални на наведената цел.
  • Мерките што се мешаат во приватноста мора да бидат предвидени со закон.
  • Секој осомничен за терористички активности може да биде уапсен само доколку има основани сомневања и тој/таа мора да биде информирана за тие причини.
  •  Лицето осомничено за терористички активности има право на фер сослушување, во разумен рок, од независен, непристрасен трибунал основан со закон. Тие го имаат бенефотот од пресумпцијата за невиност.
  • „Лицето лишено од слобода за терористички активности мора во сите околности да биде третирано со соодветно почитување на човековото достоинство“.
  • „Екстрадицијата на некое лице во земја каде што тој/таа ризикува да биде осуден/а на смртна казна или ризици дека ќе бидат изложени на тортура или нечовечко или понижувачко постапување не може да биде одобрено.“
  • „Државите никогаш не можат […] да отстапуваат од правото на живот како што е загарантирано од овие меѓународни инструменти, од забраната за тортура или нечовечко или понижувачко постапување или казнување, од принципот на законитоста на казните и мерките, ниту од забраната за ретроспективно дејство на кривичното право “.

Човекови права и тероризам

Постојат две клучни области каде што концептите на човековите права и тероризмот можат да бидат во судир: првата, најочигледно, се однесува на самиот акт на тероризам; втората се однесува на мерките што може да бидат преземени од страна на официјалните органи во процесот на обид за борба против тероризмот.

Без оглед на начинот на дефинирање на тероризмот и без оглед на причините што стојат зад него или мотивацијата за учество во него, чинот на тероризирање на припадниците на населението претставува повреда на нивното достоинство и право на лична безбедност, во најдобар случај и повреда на правото на живот, во најлош случај. Во однос на законот за човекови права, предметот е поедноставен бидејќи законот за човекови права главно е составен за да ги заштити лицата од кршење на нивните права и слобода од страната на владите. Нема можност, на пример, да се однесе терористичка група во Европскиот суд за човекови права!

Сепак, владите имаат одредени обврски: прво, во смисла на заштита на граѓаните од напади врз нивната лична безбедност; второ, во смисла на компензација на жртвите кои можеби страдале од терористички напади; и трето, се разбира, во смисла на тоа да тие самите не се вклучат во тероризам.

Прашање: Дали мислите дека земја која извезува оружје, што потоа се користи против цивили, треба да се сметаат одговарни за употребата на продаденото оружјето? Дали знаете на кои групи или земји вашата влада им продава оружје?

Се појавуваат голем број на прашања кои се поврзани со човековите права, а се во врска со борбата против тероризмот - и скоро е сигурно да има постојана тензија помеѓу мерките што владата ги смета за неопходни да ги превземе за да го заштити населението и правата што можеби ќе треба да ги ограничи за да го направи тоа.

Тајни испораки 

Во извештајот, напишан од Дик Марти за парламентарното собрание на Советот на Европа во 200613 година, се разгледува помошта што им ја даваат разни европски држави на Соединетите Американски Држави во „изнесување“ на осомничени терористи во земји каде што се соочиле со тортура. Во извештајот се утврдува дека 7 држави - Шведска, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Италија, Македонија, Германија и Турција - може да бидат одговорни за „кршење на правата на конкретни лица“, затоа што тие свесно помагале во програма која резултирала да поединци се држат без судење, честопати на повеќе години и биле изложени на тортура. Други земји, вклучително и Шпанија, Кипар, Ирска, Грција, Португалија, Романија и Полска исто така беа обвинети за „дослух“ со Соединетите држави. Марти кажа дека има докази за да покаже дека Романија и Полска биле места за оставање во притвор во близина на тајните центри за притвор.

Сега е поопасно да се биде жена отколку да се биде војник во современ судир.
Генерал-мајор Патрик Камаерт, 2008 година (поранешен командант за мировни операции на ООН во ДР Конго)

Жртвите на конфликтот

Војната и тероризмот имаат ужасно и долготрајно влијание врз огромен број луѓе. Смртните случаи во моментот на конфликтот се само еден елемент: психолошка траума, колапс на физичката и економската инфраструктура, раселување на луѓе, повреда, болест, недостаток на храна, вода или снабдување со енергија и распаѓање на довербата и нормалните човечки односи се само некои од останатите. Влијанието може да трае со генерации. Со опаѓањето на меѓу-државните војни и порастот на граѓанските војни и новите методи на војување, цивилното население сега е под поголем ризик и трпи поголеми жртви отколку професионалните војници. Жените на ООН (UN Women) проценуваат дека во современите конфликти дури 90% од жртвите се цивили, а повеќето од нив се жени и деца14. Силувањето и сексуалното насилство се користат како оружје во војна, како тактика за понижување, доминација и всадување страв во заедниците. 

Жени во вооружени судири

Во октомври 2000 година, Советот за безбедност на ООН ја усвои Резолуцијата 1325 за решавање на проблемите со кои се соочуваат жените во вооружен судир. Резолуцијата повикува на нивно учество на сите нивоа на одлучување за решавање на конфликти и градење на мир. Оттогаш се донесени уште четири резолуции од Советот за безбедност. Петте документи се фокусираат на три клучни цели:

- Зајакнување на учеството на жените во донесувањето одлуки
- Запирање на сексуалното насилство и неказнивост
- Обезбедување на систем на одговорност

Деца војници

Особено отрезнувачки развој во војните, особено во последните десет години, е употребата на деца како војници во брутални судири. Децата војници постојат во сите региони во светот и учествуваат во повеќето конфликти. Сепак, проблемот е особено критичен во Африка, каде деца уште со девет години учествуваат во вооружени судири. Повеќето деца војници се на возраст меѓу 14 и 18 години. Децата војници се регрутирани од бунтовнички групи и од владини сили.

Конвенцијата на ООН за правата на детето бара држите страни да обезбедат децата под 15-годишна возраст да не учествуваат во непријателства. Сепак, многумина сметаат дека таа возрасна граница е премногу ниска, па преземени се иницијативи за минимумот да се подигне на 18 години. Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за вклучување на деца во вооружен судир (со 143 држави како страни заклучно со ноември 2011 година) ја зголеми минималната возраст на 18 години.

Европските земји не регрутираат на возраст под 17 години и не испраќаат војници во борба под 18-годишна возраст. Велика Британија има најниска возраст за регрутирање во Европа - 16 години, иако ова е вообичаено само за цели на обука. Велика Британија е критикувана за тоа од страна на Комитетот на ООН за правата на детето. Во Чеченија, деца под 18 години, наводно, служеле во востаничките сили.  

Млади, војна и тероризам

Во 2011 година, Нобеловата награда за мир беше доделена заедно на Елен Џонсон Сирлеф, Лејма Губаи и Тавакул Карман „за нивната ненасилна борба за безбедност на жените и за правата на жените за целосно учество во работата за градење на мир“.

Младите се директно засегнати од војната на многу начини. Покрај случајот со деца војници споменати погоре, младите луѓе го претставуваат големото мнозинство на војници, особено во земји и за време на национална воена служба. Затоа може да се каже дека младите се во првите редови на жртвите на војната. Во случај на професионализирани армии, во вооружените сили често се запишани млади луѓе од пониско социјално потекло, затоа што тие имаат помалку можности да заработат за пристоен живот.

Што направив? … Некој го изгубил сопругот, некој друг таткото, некој детето, некој нероденото детенце …. Што се ова остатоци од трупови? Дали се овие знаци на победа или пораз? Дали се овие мршојадци, чавки, орли гласниците на смртта или на злото?Ашока

Младите луѓе честопати се на мета на терористичките групи како можни агенти на терористички напади, без оглед на мотивацијата, како што е примерот за нападите во Лондон во 2005 година. Ова често се припишува на потрагата по идентитет што некои млади луѓе ја искусуваат и тоа ги прави особено ранливи за екстремистички идеи и идеали. Младите луѓе, исто така, може да бидат специјално таргетирани од терористички напади, како што е примерот за нападите во Норвешка во 2011 година и на нападите врз училиштата на Кавказ.

Младинските организации традиционално играле важна улога во подигање на свеста за бесмислата на војната и за трошоците што им ги наметнува на младите. Неколку програми за помирување и размена биле воспоставени по масакрите од Првата светска војна; а многу од нив сè уште постојат и денес, како што се  Сервис Цивил Интернационал или Христијанско движење за мир / Младинска акција за мир кои промовираат меѓународни доброволни младински проекти и работни кампови.

Европското биро за приговор според совест работи за признавање на правото на приговор според совест за воена служба – на правото да се одбие да се убива - во Европа и пошироко.

Меѓународни даватели на отпор на војната (War Resisters International) е меѓународно движење, создадено во 1921 година, под мотото: „Војната е злосторство против човештвото. Затоа, решен/а сум да не поддржувам никаков вид на војна и да се залагам за отстранување на сите причини за војна“ WRI промовира ненасилство и помирување и ги поддржува приговарачите според совест и барателите на азил во случаи на обид за затајување или дезертерство.  

Фусноти

1 Боб Марли во песната „Војна“, адаптирана од Етиопскиот император Х.И.М. Обраќањето на Хаиле Селасие пред Обединетите нации на октомври 1963 година
2 Правни последици од изградбата на ѕидот во окупираната палестинска територија, Советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата од 9 јули 2004 година, пара. 106
3 Ал-Скеини и други против Велика Британија, Голем совет на Европскиот суд за човекови права (Пријава бр. 55721/07), 7 јули 2011 година; http://www.bailii.org/eu/cases/ECHR/2011/1093.html
4 Жанет Ранкин беше првата жена што влезе во американскиот Претставнички дом во 1917 година
5 1994 Декларација на Обединетите нации за мерки за елиминација на меѓународниот тероризам, анекс на резолуцијата 49/60 на Генералното собрание на ООН, „Мерки за елиминирањеМеѓународен тероризам “, од 9 декември 1994 година
6 Документ A / CN.4 / L.2, Текст на принципите на Нирнберг усвоени од Комисијата за меѓународно право, извадок од Годишникот на меѓународното право Комисија: 1950 година, том. II http://untreaty.un.org/ilc/documentation/english/a_cn4_l2.pdf 
7 Конвенција за спречување и казнување на кривично дело геноцид http://www.un.org/millennium/law/iv-1.htm
8 http://www.physiciansforhumanrights.org/blog/us-ban-landmines-facts.html  
9 Конвенција (IV) во однос на заштитата на цивилните лица во време на војна. Женева, 12 август 1949 година http://www.icrc.org/ihl.nsf/FULL/380?OpenDocument
10 НАТО / Федеративна Република Југославија „Колатерална штета“ или незаконско убиство? Прекршувања на законите на војната од страна на НАТО за време на операцијата на сојузничките сили,Амнести Интернешнл - Извештај - 70/18/00 евра, јуни 2000 година; http://www.grip.org/bdg/g1802.html  
11 Погледнете фуснта 2 погоре
12 Човекови права и борба против тероризмот, Упатства на Советот на Европа, 2005 година; http://www.echr.coe.int/NR/rdonlyres/176C046F-C0E6-423C-A039-F66D90CC6031/0/LignesDirectrices_EN.pdf
13 Наводни тајни притвори и незаконски меѓудржавни трансфери кои вклучуваат земји членки на Советот на Европа, парламентарно собрание, док. 10957, 12 јуни 2006 http://assembly.coe.int/Documents/WorkingDocs/doc06/edoc10957.pdf
14 http://www.womenwarpeace.org/

Image2: Theme 'War and Terrorism' by Pancho

compass-key-date
  • 12 февруариДен на црвената рака
  • 24 априлСеќавање на геноцидот во Ерменија
  • 8-9 мајСеќавање и помирување за оние кои ги изгубиле своите животи во текот на Втората светска војна
  • 15 мајМеѓународен ден на свесен отпор
  • 21 мајСветски ден за борба против тероризмот
  • 29 мајМеѓународен ден на Мировниците на Обединетите нации
  • 6 августДен на Хирошима
  • 21 септемвриМеѓународен ден на мирот
  • 6 ноемвриМеѓународен ден за спречување експлоатација на животната средина во војна и вооружен конфликт