Премостувањето на меѓуетничките поделби треба да е врвен приоритет за „поранешната југословенска Република Македонија“


Стразбур, 9/4/2013 – „Од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со којшто заврши конфликтот во 2001 година, наваму се постигнати неколку меѓници, меѓу другото и во областите на локалната самоуправа, употребата на јазиците и правичната застапеност. Сепак, длабоката политизираност долж партиските линии и партиското покровителство ја поткопуваат општествената кохезија“ – рече деенес Нилс Муижниекс, Комесар за човекови права на Советот на Европа, при објавувањето на извештајот од неговата посета на земјата во ноември 2012.

Иако „поранешната југословенска Република Македонија“ има добро развиен систем на образование на немнозинските јазици, Комесарот ја нагласи важноста на интегрираното образование. „Учениците етнички Македонци и етнички Албанци имаат многу малку можности за интеракција, па со тоа им е ускратена можноста да учат едни за други и едни од други. Децата и младите не треба да се заложници на дебатите за правата на заедниците во кои сфаќањето е дека секогаш кога едниот добива, другиот губи.“ – рече Комесарот.

Треба да се преземат дејства да се разрешат прашањата од сферата на човековите права поврзани со конфликтот во 2001. „Неказнивоста за тешките прекршувања на човековите права извршени во 2001 го попречува трајното помирување меѓу двете најголеми заедници. Правдата е потребна за да се поднесе одговорност и за да се воспостават повторно правата и достоинството на жртвите. Одлуката на Собранието од 2011 за толкување на Законот за амнестија, којашто определува дека законот се применува на сите кривични дела извршени во тек на конфликтот во 2001, придонесува кон ваквите тешкотии. Амнестијата не треба да важи за сериозните повреди на човековите права и за прекршувањата на меѓународното хуманитарно право”.

Комесарот, исто така, повикува да се разјасни судбината на преостанатите четиринаесет лица исчезнати во конфликтот и препорачува властите да најдат трајни решенија за 334 преостанати внатрешно раселени лица, посветувајќи итно внимание на 95 лица кои се’ уште живеат во колективни центри.

Поздравувајќи ги мерките преземени за да се подобри положбата на Ромите, Комесарот подвлекува дека некои сериозни проблеми опстојуваат. „Ромите и натаму се наоѓаат во затворен круг на сиромаштија и невработеност, живеат во одвоени маала каде често има неприфатливи услови за живот. Ромските деца се прекумерно застапени во училиштата за деца со посебни потреби. Со ова се пролонгира нивната исклученост и се прекршуваат нивните човекови права. Сите деца треба да имаат пристап кон редовното образование.”

Загриженост се јавува и во врска со мерките усвоени за контрола на емиграцијата. „Меѓу декември 2009 и ноември 2012, на околу 7000 македонски државјани, главно Роми, не им е дозволено да ја напуштат земјата, а патните исправи им се конфискувани. Ваквите мерки го попречуваат меѓународно утврденото право да се замине од земја и го поткопуваат правото да се бара азил. Наместо да ги казнуваат луѓето кои се обидуваат да ги остварат своите човекови права, подобро е властите да ги решаваат проблемите на сиромаштијата и социјалната исклученост, кои воопшто ги поттикнуваат лицата да бараат спас во странство.”

Што се однесува до лустрацијата, Комесарот Муижниекс нагласува дека таа не треба никогаш да се користи за политички или лични цели или како средство за одмазда. „Една демократска држава има доволно начини да обезбеди правдата да е задоволена, а виновниците да се казнети. Одлуките на Уставниот суд во врска со лустрацијата мора целосно да се почитуваат.”

Извештајот содржи и дополнителни препораки, вклучително и за надминување на ситуацијата со над 1 000 лица без државјанство, обезбедувањето сите Роми да имаат лични документи, како и за борба против дискриминацијата.

Коментарите на властите на поранешната југословенска Република Македонија се достапни тука.


Press contact in the Commissioner’s Office:
Stefano Montanari, +33 (0)6 61 14 70 37 ; stefano.montanari@coe.int

Keep up to date with the Commissioner on Twitter