Човековите права на Ромите и социјалната кохезија треба да се зајакнат, изјави Комесарот Муижниекс во Скопје

Скопје, 29 ноември 2012 – „Властите на „поранешната југословенска Република Македонија“ треба порешително да се зафатат со факторите што и натаму ја поткопуваат социјалната кохезија во оваа мултиетничка земја. Треба да се изготват насочени иницијативи за градење доверба и промоција на социјалната интеракција меѓу заедниците, како и за борба против дискриминација, а да се стави крај и на социјалната исклученост, особено на Ромите“, истакна Нилс Муижниекс, Комесар на Советот на Европа за човекови права, на крајот на четиридневната посета на земјата.

Иако политичката претставеност на Ромите е забележителна, а донесен е и закон против дискриминација, се’ уште постојат проблеми со социјалната исклученост, маргинализацијата и тешките животни услови. На Комесарот му падна в очи и непропорционалниот број на ромски деца запишани во училиштата за „специјални потреби“ за лица со интелектуална попреченост, каде тие, според извештаите, претставуваат 60% од учениците. „Ова е голема причина за загриженост. Ромските деца мора да посетуваат настава во редовни училишта. Политиките што ги сегрегираат Ромите мора веднаш да се заменат со мерки за вклученост.”

Бездржавјанството и немањето документи за лична идентификација се се’ уште прашања што засегаат многу од Ромите, вклучувајќи и деца, што го попречува нивниот пристап кон основни услуги. „Личните документи се потребни за уживање на бројни човекови права. Треба да се вложат натамошни напори за на Ромите да им се обезбедат документи за лична идентификација.“ Комесарот е, исто така, загрижен заради наводите за етничко профилирање од страна на властите што, како што се наведува, спречува многу од Ромите да излезат од земјата согласно безвизниот режим воведен пред три години. „Ваквите мерки може да се спротивни на определни меѓународни стандарди, како што се слободата за излегување од земјата и правото да се бара азил, а резултат е уште едно ниво на дискриминација против ромското малцинство.”

На крајот, Комесарот забележува дека се остварени неколку меѓници од потпишувањето на охридскиот рамковен договор, којшто стави крај на конфликтот од 2001. Поголема правична застапеност е постигната во јавниот сектор, особено во полициските и безбедносните сили. Сепак, неколку прашања поврзани со конфликтот допрва чекаат на целосно решение. „Мора, исто така, да се се усвојат мерки за подобро да се обезбеди одговорност за тешките кршења на човековите права, а судбината на оние кои се’ уште се водат како исчезнати мора да се разјасни. Трајни решенија за околу 90 лица кои се’ уште се сместени во шест колективни центри се на дофат и мора итно да се изнајдат”.

На Комесарот му беше предочена сериозна загриженост околу арбитрарноста во примената на законот за лустрација. „Одлуката на Уставниот суд да побара експертско мислење за ова прашање од Венецијанската комисија е за поздравување“

Комесарот ќе изготви извештај за својата посета.


Contact Presse au bureau du Commissaire:
Stefano Montanari, +33 (0)6 61 14 70 37 ; stefano.montanari@coe.int

Suivez le Commissaire sur Twitter