Основачки татковци

Основачки татковци


image fondateurs

Овие градители на Европа беа луѓето кои го отпочнаа процесот на европска изградба основајќи го Советот на Европа во 1949 година и основајќи ја Европската заедница за јаглен и челик (ECSC) во 1950 г. и Европската економска заедница (EEC) во 1957 г.

Овие луѓе на дијалогот кој преживеаја две светски војни и имаа искуство од прва рака од повеќе европски култури беа пионерите на една Европа на мирот, воспоставена врз вредностите на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

 

Винстон Черчил

Премиер на Велика Британија

12 август 1949 година, Стразбур

quote 1 Опасностите кои ни се закануваат се големи, но таква е и нашата сила и нема причина зошто не би успеале во достигнување на нашите цели и поставување на структурата на оваа обединета Европа чии морални концепти ќе успеат да се здобијат со почитување и признание од човештвото и чија физичка сила ќе биде таква што никој нема да се осмели да го забави нејзиното мирно патување кон иднината quote 2

Неговиот говор:

Внимавајте! Ќе зборувам на француски.

Се среќаваме во овој стар град сеуште ранет со лузните од војната за да основаме собрание кое се надеваме еден ден ќе биде Парламент на Европа. Ние го преземавме првиот чекор а токму првиот чекор е најважен. Овој величествен собир на луѓето од Стразбур беше свикан од Европското движење да му покаже на светот каква сила има во идеата за обединета Европа, која е нејзината силина, не само во умовите на политичките мислители, туку и во срцата на големите маси луѓе во сите европски држави каде народите се слободни да го изразат своето мислење.

Се чувствувам охрабрен, но и восхитен од одличните резултати кои ги постигнавме за толку малку време. Измина едвај нешто повеќе од една година кога на конгресот во Хаг побаравме да се основа Европско собрание. Мораше да се мобилизира јавното мислење за да се уверат моќните влади нашите барања да се преточат во реалност. Мораше да се надминат сериозни колебања.

Но истовремено ние на наша страна ги имаме многуте пријатели на оваа голема кауза на обединета Европа, вклучувајќи ги и пријателите со министерски моќи. Никој од овие пријатели не направи повеќе за европското движење од г. Спак кој долго време беше заговорник на Европски парламент и кој денес, во овој град, беше едногласно избран за негов прв претседател.

Се среќаваме овде во ова ново Собрание не како претставници на нашите различни држави или различни политички партии, туку како Европјани кои маршираат напред, рака под рака, ако е неопходно и рамо до рамо со цел да ја оживееме поранешната слава на Европа и да му овозможиме на овој славен континент да го поврати во светската организација своето место како независен член, способен самиот да се грижи за себе. Оваа примарна и света верност која секој ја должи на својата земја не е тешко да се помири со поширокото чувство на европска солидарност. Спротивно на тоа, ќе се сфати дека сите легитимни интереси егзистираат во хармонија и дека секој од нас подобро ќе им служи на вистинските интереси и безбедноста на нашите држави ако го прошириме нашето чувство како на заедничко граѓанство и сувереност. И ако го опфатиме со тоа чувство целиот овој континент на држави и нации кои го делат истиот начин на живеење.

Овие принципи кои нè водат се дефинирани во Уставот на Обединетите нации каде Европа треба да биде енергичен и водечки елемент; овие принципи се исто така наведени во генерална смисла во Декларацијата за човековите права на Обединетите нации, прокламирана во Женева. Затоа, нема само да го најдеме патот кон преродбата и просперитетот во Европа но, истовремено, ќе се заштитиме себеси од било каков ризик да бидеме прегазени, скршени од било која форма на тоталитарна тиранија, независно дали е тоа омразената доминација на нацистите кои ги победивме или било кој друг вид на деспотизам.

Што се однесува до мене, јас не сум непријател на ниту една раса или нација на светот. Нашата средба не е насочена против ниту една раса или нација. Таа е против тиранијата во сите свои форми. Тиранијата е секогаш иста независно од нејзините лажни ветувања, независно од името кое го присвојува, независно од маските во кои ги облекува своите следбеници.

Но ако сакаме да ја добиеме најголемата награда, мораме да ја надминеме секоја пречка и да станеме свои сопствени господари. Мораме да се издигнеме над оние страсти кои ја уништија Европа и ја оставија во рушевини. Мораме да ставиме крај на нашите стари кавги; мораме да се откажеме од територијалните амбиции; националните ривалитети мораат да станат креативна енергија во секоја област каде можеме искрено да ù служиме на нашата заедничка кауза.

Понатаму, мораме да ги преземеме сите неопходни мерки и претпазливост за да бидеме сигурни дека ќе имаме моќ и дека ќе имаме време да ја постигнеме таа трансформација на Европа во која Европското собрание, кое сега постојано ќе се среќава во Стразбур, треба да одигра толку важна улога. Тоа ќе биде во можност да ја исполни таа улога доколку покаже дека ги поседува оние квалитети на здрав разум, толеранција, независност и, пред сé, храброст без која ништо што е важно на овој свет не може да се достигне.

Конечно барам помош од овој голем собир на граѓани во Стразбур; вие сте дел од огромните маси на луѓе кои ние целиме да ги претставуваме и чиишто права и интереси сме должни да ги браниме; во Европа на двете страни од железната завеса има милиони обични домови чии срца се со нас. Дали ним некогаш ќе им биде дадена можност да просперираат и да се развиваат? Дали тие некогаш ќе живеат во безбедност? Дали некогаш ќе можат да уживаат во едноставните радости и слободи кои Бог и природата им ги дале? Дали човекот кој чесно си го заработува својот леб некогаш ќе може да одгледа здрави и среќни деца во надеж дека ќе дојдат подобри денови? Дали тој некогаш ќе биде без страв, страв од странска инвазија, страв од експлозија на бомби и гранати, страв од гласното марширање на непријателските патроли и – најлошото од сé – страв од чукање на вратата на политичка полиција, која доаѓа да го одведе таткото или братот од нормалната заштита на законот и правдата – пришто секој ден преку единствен спонтан напор на својата волја тој човек, тој Европјанин би можел да се разбуди од кошмарот и да се исправи слободен и мажевен на сончевата светлина?

Низ нашата долга историја ние триумфиравме над опасностите од религиозните и династиски војни; по триесет години војување, јас сум уверен дека дојдовме до крајот на националистичките војни. По сите наши победи и сите наши страдања, дали сега ќе влеземе во финален хаос, во идеолошките војни поттикнати од варварски, криминални олигархии, подготвени од агитаторите на петтата колона кои се инфилтрирани и коваат завери во толку многу земји?

Не, уверен сум дека во наша моќ е да ги надминеме опасностите кои се сеуште пред нас ако тоа го сакаме. Нашите надежи и нашата работа покажуваат кон ера на мир, просперитет и изобилство и неисцрпното богатство и гениј на Европа ќе ја претворат уште еднаш во извор и инспирација на живот во светот. Во сето ова напредуваме со поддршка од моќната република од другата страна на Атлантикот и суверените држави кои се членови на империјата и Комонвелтот на британските нации. Опасностите кои ни се закануваат се големи, но таква е и нашата сила и нема причина зошто не би успеале во достигнување на нашите цели и поставување на структурата на оваа обединета Европа чии морални концепти ќе успеат да се здобијат со почитување и признание од човештвото и чија физичка сила ќе биде таква што никој нема да се осмели да го забави нејзиното мирно патување кон иднината.

 

Конрад Аденауер

Канцелар и Министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија

10 декември 1951 г.

quote 1Исто така од големо значење е дека овде, во секој случај, има место каде скоро целата Европа се собира заедноquote 2

Неговиот говор:

Од големо значење за политичкиот развој на Европа е фактот дека овде, во телата на Советот на Европа, имаме платформа врз која претставниците на Европа се среќаваат на редовна основа, дискутираат за нивните грижи и проблеми, желби и надежи, платформа каде се обидуваат да воспостават заеднички критериуми за евалуација на нивните барања и каде, генерално соработуваат меѓу себе во дух на праведност и добрососедство. Со други зборови, овде наоѓаме израз на европската совест. Исто така од големо значење е дека овде, во секој случај, има место каде скоро целата Европа се собира заедно, и покрај сите различни нијанси во мислење кои се појавија во нашите напори за постигнување на поблиска организациска соработка.

Европската политика во секоја земја конечно ќе го добие својот стимул од колективната волја на европските народи. Но, никаде ова не е толку изразено како колективна волја како во Советот на Европа.

 

Роберт Шуман

Министер за надворешни работи на Република Франција

10 декември 1951 г.

quote 1Советот на Европа е сигурно лабораторијата во која се изведуваат експериментите за европска соработка.quote 2

Неговиот говор:

Советот на Европа е сигурно лабораторијата во која се изведуваат експериментите за европска соработка, до времето кога тој ќе се трансформира во органска институција на европско заедништво. Сеуште сме во фазата на раните разочарувања и очигледни неуспеси, но тие не се никогаш доволно оправдување за обесхрабрување, иако понекогаш тие можат да се оправдаат со конструктивна нестрпливост. Како и законите на природата, вистинските идеи на крајот се препознаени и применети. Нашите несовршености, недостигот на храброст и нашите страсти се одговорни за нивното касно откривање и спроведување.

Би било погрешно, како и опасно да се потценат тешкотиите за постигнување на интеграција на Европа. За да постигнеме успех ќе имаме потреба од голема одлучност и трпеливост, како во нашите земји и во преговорите меѓу самите влади. Но независно од тоа каков резултат ќе постигнеме, проблемот на обединување на Европа е поставен и не може повеќе да се избегнува. Ако се покажеме немоќни да го решиме како резултат на нашата колебливост, настаните и аспирациите на народите самите ќе нè присилат да ги донесеме потребните одлуки. Ако не донесеме одлуки навреме, дами и господа, ќе го сносиме ризикот да ја испуштиме последната шанса за спас на Европа и на нашите држави.

 

Пол-Анри Спак

Премиер и Министер за надворешни работи на Белгија во 40-тите и 50-тите

15 мај 1962 г.

quote 1Бидејќи токму тука цела Европа се соединува и бидејќи постојат прилики како денешната кога се јавуваат проблеми [...] и треба да ги разгледаат сите земји од Европа quote 2

Неговиот говор:

Г. Претседателе, дами и господа, можеби би можел да почнам говорејќи колку сум благодарен што се враќам на овој подиум. Мојата благодарност е помешана со емоции кога размислувам за сé што се случуваше во ова Собрание, за сите дебати во кои учествував и за нашите успеси и неуспеси. Има многу време откога бев овде и ми беше кажано дека Собранието понекогаш се чувствуваше обесхрабрено и сомничаво во врска со својата корисност.

Можеби би било нескромно од моја страна да кажам дека моето присуство овде денес докажува дека одреден број министри остануваат сигурни во оваа организација и сметаат дека Собранието треба да се искористи повеќе и на подобар начин отколку во минатото. Од моја страна, всушност јас можев да изберам било која од неколкуте организации и да се обратам во друго собрание. Зошто ја избрав оваа? Бидејќи таа има сопствена вокација, бидејќи тука цела Европа се соединува и бидејќи постојат прилики како денешната кога се јавуваат проблеми кои се поголеми од рамката на шестте држави и треба да ги разгледаат сите земји од Европа.

 

Алчиде де Гаспери

Премиер на Република Италија

10 декември 1951 г.

quote 1Додека го градиме, нашата активност мора секогаш да биде таква неговата цел да остане јасна, дефинитивна и генерално договорнаquote 2

Неговиот говор:

Ако не направиме ништо повеќе од основање на заедничка администрација, без повисока политичка волја која ќе црпи живот од една централна организација во која волјите на различните нации може да се соединат за да се донесат свежи одлуки и топлина во едно поголемо единство, ќе постои опасност дека оваа европска активност може да покаже недостаток на топлина и духовна виталност во споредба со динамичната сила на поединечните нации; таа понекогаш може да се чини дури и како површна и тешка замка, споредлива со она што го обременуваше Римското царство во одредени периоди од неговиот пад.

Во тој случај, младите луѓе од Европа, одговарајќи на јасниот повик на нивната крв и татковина би го сметале европското единство, доколку тоа се конструира на овој начин, за пречка или кошмар. Во тој случај би постоела очигледна опасност од дегенерација.

Токму затоа, и покрај нашата јасна свест за потребата оваа идеа да се гради постепено, сметаме дека додека ја градиме нашите активности мораат секогаш да бидат такви што ќе овозможат целите да останат јасни, дефинитивни и генерално договорени.

Јас сум свесен дека овој европски идеал сеуште не заземал доволно силно уверување во мислењето на јавноста: има само група политичари, интелектуалци и идеалисти кои се спремни да се оттргнат од нивната константна преокупација со проблемите на реконструкцијата на нивните држави за да посветат напори за подготвување на заедничката иднина. Вие, членовите на ова Собрание, сте меѓу нив, иако довербата на Вас и Вашите колеги беше ставена од луѓето кои гласаа на избори.

 

Ернест Беван

Министер за надворешни работи на Велика Британија

5 мај 1949 г.

quote 1Денес сме сведоци на основањето на заедничка демократска институција на овој стар континент Европаquote 2

Неговиот говор:

Господа, се сретнавме денес на церемонијата на потпишување на Статутот на Советот на Европа и на договорот за основање на подготвителната комисија.

Како и останатите колеги сакам да го изразам своето чувство дека ова е вистински историски момент. Статутот кој денес го потпишуваме е резултат на повеќе месеци пријателски преговори помеѓу десет водечки држави од Западна Европа. Тој ја доби својата форма во Париз во текот на дискусиите на крајот од минатата година под претседателство на уважениот француски државник г. Херио, а беше доработен во Лондон од дипломатските претставници на десетте земји. Сега тој е дефиниран во својата финална верзија во овој договор. Овој Договор ги поставува темелите на нешто ново што влева надеж во европскиот живот. Денес сме сведоци на основањето на заедничка демократска институција на овој стар континент Европа.